Националната галерија на Македонија (НГМ) вечер од 19 часот во објектот Чифте амам ќе отвори изложба на околу 110 ликовни дела од југословенската збирка, на автори од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Формирањето на југословенската збирка почнало во првите години од основањето на галеријата, а делата се создадени во периодот од почетокот на 19 до средината на 20 век.

– Изложбата им дава општ преглед на стилскиот и хронолошкиот развој на сликарството и вајарството создавано од словенечки, хрватски, српски, црногорски, босанско-херцеговски автори, обработени и претставени според нивните временски и стилски карактеристики во зависност од обемот и квалитетот на збирката што ја поседуваме – соопшти Националната галерија на Македонија.

Ќе бидат претставени најзначајните имиња на сликари и вајари од бившите југословенски републики (Влахо Буковац, Мирослав Краљевиќ, Урош Предиќ, Целестин Медовиќ, Паја Јовановиќ, Петар Добровиќ, Петар Лубарда, Зора Петровиќ, Ѓорѓе Андреевиќ-Кун, Крсто Хегедушиќ, Омер Мухаџиќ, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ, Антун Аугустинчиќ…), чие творештво го прикажува развојниот пат од класицизмот кон создавање на современиот ликовен израз.

На изложбата ќе биде презентиран и дел од оригиналната архивска документација поврзана со формирањето на оваа збирка во периодот од 1948 до 1956 година. Таа ќе го покаже и огромниот напор што го вложил тогашниот раководен тим (тогаш: Уметничка галерија) и државните институции кои ја поддржале акцијата и придонеле Националната галерија да ја поседува најбогатата збирка од овој тип во Македонија.