Изложба на Климт на „Риека 2020 – европска престолнина на културата“

34

Kултурно-уметничката програма „Риека 2020 – европска престолнина на културата“, која идната година ќе се одвива во познатиот хрватски, приморски град Риека, ќе содржи повеќе од 600 настани и 250 уметнички и културни проекти. Како дел од поважните манифестации што ќе се одвиваат низ текот на целата година во рамките на програмата што свечено ќе биде отворена во текот на февруари 2020 година во риечкото пристаниште, во состав на Риечкиот карневал се: изложба на дела на славниот сликар Густав Климт, изложбата „Граници меѓу редот и хаосот“ за историјата на Риека и околината, која е одбележана со чести измени на границите, изложбата „Данузиевата маченица“ за периодот на окупацијата на Риека од Д’Анузиј и неговите легионери, како и изложбата „Со виолина над границите/Страдивариус во Риека – Крешник и Кремона“ за творештвото на риечкиoт градител на виолини Фрањо Крешник.

Планирано е и отворање на постојаните поставки на Музејот на градот Риека во Палатата на шеќераната, во комплексот Бенчиќ, како и музејската поставка на бродот Галеб. На програмата меѓу другото е и концертот на оперскaта ѕвезда Елина Гаранча, првата изведба на Вагнеровата опера „Тристан и Изолда“ во Риека, новата верзија на култната театарска претстава „Вежбање на животот“, фестивалот на познатата театарска група „Нидкомпани“ и голем број други настани, изложби претстави, концерти.

– Риека во најдобро светло ќе ги претстави вредностите што ги живее, а тоа се отвореноста, прифаќањето на различностите, способноста и храброста, а особено упорноста. Риека е град отворен за сите, модерна, слободно мислечка средина, натпросечно критичен град кон себе и затоа натпросечно успешен – изјави неодамна риечкиот градоначалник Војко Оберснел, а пренесе хрватскиот „Т – портал“.
Во рамките на проектот ќе бидат изградени и нова градска библиотека, ново седиште на Музејот на градот Риека и Детска куќа.