Изложба „Килимарството во Тиквешијата“ во Музеј-галерија Кавадарци

60

Денеска во Музеј-галерија Кавадарци ќе биде отворена етнолошката изложба „Килимарството во Тиквешијата“ на која ќе бидат изложени дваесетина домашни изработки на килими како дел од традиционалната македонска куќа. Томе Крстевски кустос етнолог во Музеј-галерија вели дека повеќе податоци за килимарството на Балканот упатуваат на Исток од каде се смета дека се пренела оваа културна придобивка со доаѓањето на Турците, но, истовремено постојат податоци дека килимарството на овие простори било застапено многу порано. За изработката на килими секако дека имало влијание турското владеење бидејќи се прифаќале и ширеле ориенталните влијанија во уредувањето на домашните ентериери.

-Покрај изобилството на орнаментални мотиви, дојдени од страна, жените ткајачки од Тиквешијата успеале со текот на времето да им дадат на своите килими орнаментални обележја како одраз на своите сопствени творечки способности и уметнички доживувања. На тој начин традиционалното килимарство во Македонија се формирало како одделна и значајна гранка од народното уметничко творештво, со свој специфичен стил. Несомнено црвено-црната боја се среќава во материјалната и духовната култура низ вековите како основа за постоење на националниот културен идентитет. Црвено црната е боја на стремежот, енергијата, радоста, симбол на бојата на виното и крвта, стремежот за Македонскиот непокор низ историјата. Вештите раце на македонската жена од Тиквешијата со црвено-црниот конец преку разбојот создава своја приказна, преку симболите ги прераскажува деловите од животниот циклус, раѓањето, бракот и умирачката. Сите овие изложени килими ни оставаат порака од едно изминато време но, и порака за нашата иднина во целост – изјави Томе Крстевски кустос етнолог кој ја подготви изложбата и го направи изборот на килимите од Тиквешијата.

Ми.М