Изложбата „Изгубениот свет на сефардските Евреи од западен Балкан“ пред прилепчани

48

Денеска на пладне во ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Изгубениот свет на сефардските Евреи од западниот Балкан“, што е проект на Центропа и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

„Изгубениот свет на сефардските Евреи од западниот Балкан“, е дизајнирана во 2017 година, а куратор на изложбата е Едвард Серота, директорот на Центропа. Тоа се пет еврејски приказни од Сплит, Дубровник, Белград, Битола и Сараево.

Центропа е еврејски историски институт со седиште во Виена, Хамбург, Будимпешта и Вашингтон. Таа се занимава со зачувување на семејните еврејски приказни од 20-тиот век од Централна, Источна Европа и Балканот, како и пренесување на овие приказни преку фотографии, филмови, книги, публикации и изложби.

Од 2000 до 2009 Центропа интервјуираше 1 200 Евреи од 15 земји во Европа, со цел да дознае многу повеќе за нив, а не само за тоа како исчезнале нивните семејства за време на холокаустот. Тимот на Центропа дигитализираше 22 000 нивни стари фотографии, низ кои се прикажани нивните животни приказни – приказните на нивните баби и дедовци, но и на нивните внуци. Оваа изложба го отсликува дваесеттиот век прикажан преку пет интервјуа на Центропа од Западниот Балкан.

Ка.М.