Изложбата „Внатре и надвор од себството“ во „Мала станица“

36

Вечерва, со почеток од 19 часот, во мултимедијалниот центар „Мала станица“ ќе биде отворена изложбата „Внатре и надвор од себството“. Изложбата е истражувачки проект на двајца интердисциплинарни уметници, Ана Лазаревска (Македонија) и Џанан Ку (Австрија).

Темата околу која авторите ги развиваат своите дела е суштинското прашање за себството и низата размисли што ги застапува тоа, тема што е индивидуално и општествено важна за заедницата. Концептот за себство подразбира поставување безброј прашања што се релевантни за човековото постоење и творење. Преку преиспитување и редефинирање на индивидуалниот концепт за себството се преиспитува колективното „ние“, колективната меморија на една конкретна заедница, како и позицијата на индивидуата во неа.

Двајцата уметници заедно го истражуваат поимот „себство“ и континуирано ги преиспитуваат своите гледишта кон темата, погледнувајќи кон себството како флуиден процес на константна промена или како основа на непроменливото.