Излезе српскиот превод на „Невидливи љубови“ на Владимир Јанковски

61

Издавачката куќа „Граѓански форум“ го објави српскиот превод на романот „Невидливи љубови“ од Владимир Јанковски. Преводот на изданието е на Алма Мујовиќ. „Невидливи љубови“ е вториот роман на Владимир Јанковски, објавен во 2015 година. За оваа книга авторот го доби „Рациновото признание“ и беше македонски кандидат за меѓународната награда „Балканика“.
Според писателот Влада Урошевиќ, во дејствувањето на ликовите на овој роман го насетуваме одгласот на оние младешки игри на Џорџо де Кирико со брат му Алберто, кога во ефемерните и банални случки и настани што ги опкружувале ги откривале метафизичките длабочини, што потоа ќе се преобрази во маѓепсувачките глетки на метафизичкото сликарство.
Елизабета Шелева смета дека романот на Јанковски постојано ја нагласува конститутивната моќ на погледот, незаобиколното соучество на Другиот (во нашето идентитетско и естетско себезаокружување), како и улогата што во создавањето на сликата (односно самата стварност), комплетно несвесен за тоа, неминовно ја игра и самиот набљудувач.
Владимир Јанковски е роден во 1977 година, а завршил општа и компаративна книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во повеќе издавачки куќи. Ги објавил книгите: „Скриени желби, немирни патувања“ (роман, 2020), „Невидливи љубови“ (роман, 2015), „Вечно сегашно време“ (роман, 2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, фотоесеи, 2010), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, фотоесеј, 2008), „Огледало за загатката“ (2003, разговори со Влада Урошевиќ). Активно се занимава со книжевен превод.