Излезе од печат пиесата на Миле Ѓоргиоски „Некоректен мртовец“

52

Tалентираниот афористичар роден во Кичево пред 62 години, Миле Ѓоргиоски, деновиве ја издаде својата 31-ва книга, комедија во 16 слики „Некоректен мртовец“, која покрај веќе издадените 29 збирки афоризми и една книга хуморески, го чини еден од најплодните македонски автори воопшто. Рецензент на оваа книга е поетот Митко Гогов, додека на илустрацијата на книгата независно работеа двајца автори, стрип-цртачот Дарко Богданов и ликовниот уметник Танас Дедов.

– „Некоректен мртовец“ е пиеса во која доминираат сатиричните нишки преку кои ликовите наоѓајќи се во различни најчесто безилезни ситуации, се обидуваат да избегаат од грубата реалност која го одбележува нивниот живот. Долговите во кои запаѓа едно просечно семејство без разлика на кој дел од светот припаѓа, ги тера често да побараат спас и во невозможното кое за жал е и единственото можно решение. Инаку, темата е универзална и блиска на сите етникуми на светот. Доволно е да се променат имињата на ликовите и пиесата да биде типично американска, бразилска, италијанска или како во случајов македонска – вели Ѓоргиоски за своето најново дело.

 Тој додава дека се надева оти некој театар во блиска иднина ќе покаже интерес за поставување на сцена на оваа пиеса, која според неговите размислувања би имала голем успех и кај театарската публика, покрај потврдениот кај читателската публика. З.А.