Излезе од печат збирката поезија „Лачи искрини“ на д-р Михаил Левенски

65

Во издание на „Матица Македонска“

Во издание на „Матица Македонска“ излезе од печат поетска збирка – „Лачи искрини“, на д-р Михаил Левенски којашто ги содржи песните објавени во две стихозбирки, во 1996 и 1997 година.

Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“ ја издава збирката во чест на 78-годишнината од раѓањето, а на 10-годишнината од заминувањето на д-р Михаил Левенски.

– Сметаме за неопходно, во ова време, да се потсетиме на основните вредности на живеење, да се вратиме кон човечноста, добрината, убавината, благодарноста и смислата на живеењето. Токму затоа, од разновидниот творечки опус на Левенски, за крај на оваа 2020 година и почеток на 2021 година, Фондацијата избра да се реиздаде неговата поезија, затоа што е поезија што е против „ужасот на празнината и бесмислата“ и со својот „виталистички принцип“ праќа пораки, поставува патокази, потсетува, опоменува, поучува, облагородува… – соопшти Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“.

– Современата поезија на Михаил Левенски е богатство извадено од ковчеже. Нејзиниот нов здив од неа ја избриша сета патина и сега сјае и отсјајува, а ќе го облагороди секој оној што над неа ќе се наднесе и нештедливо ќе и ги отвори своите сетила – се вели за поезијата на д-р Левенски.

Рецензиите се на: акад. Витомир Митевски, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и Киро Донев (кон новото издание), а книгата ги содржи и рецензиите од првичните стихозбирки потпишани од Видое Подгорец и Јован Котески.

  • „Книга за љубовта, благодарноста и посветеноста“ – акад. Витомир Митевски
  • „Возвишена поезија против бесмислата“ – проф. д-р Венко Андоновски
  • „Клуч на поетот-психијатар за исцелување на душата“ – проф. д-р. Весна Мојсова-Чепишевска

Д-р Михаил Левенски (1942-2010), психијатар и писател: поет, раскажувач и драматург.

Во психијатријата беше истражувач со посебен интерес кон социјалната патологија. Во своето книжевно дело пак, беше нијансиран познавач на убавите страни на душата.

„Матица Македонска“ дополнително ќе го објави почетокот на продажба на поетска збирка – „Лачи искрини“, на д-р Михаил Левенски.

 ——————-

На секое место,

Стигнат сум до секаде.

 Радосен на секое време,

Го наоѓам денешниот ден.

 (извадок од песната „Денешниот ден“)

————————-