Излезе Македонско-словачка монографија

84

Денеска во Ректоратот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе се одржи промоција на македонско-словачката монографија „Културата во земјите во транзиција“. Обраќања ќе имаат: ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, амбасадорот на Република Словачка во Република Македонија, Хенрих Маркуш, директорката на Институтот за македонска литература, Маја Јакимовска-Тошиќ, и продеканот за наука на Филозофскиот факултет при универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, Мартин Хетенји.

Монографијата „Културата во земјите во транзиција“ е резултат на заеднички истражувачки проект на Институтот за македонска литература при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (Р Македонија) и Филозофскиот факултет при универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра (Р Словачка). Главната тема на монографијата е актуелното место и улога на културата во современите процеси на транзиција во земјите од Централна и од Југоисточна Европа. Излагањата се распоредени во два тематски циклуси: Повторно размислување за културната транзиција и Пресликување на темата за културната транзиција во уметностите и во медиумите.

Монографија е создадена од 14 автори од двете земји. Од Македонија со свои трудови се застапени авторите: Маја Јакимовска-Тошиќ, Валентина Миронска-Христовска, Ана Мартиноска, Јасмина Мојсиева-Гушева, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Гоце Смилевски и Соња Стојменска-Елзесер. Од Словачка се вклучени авторите: Кристина Јакубовска, Катарина Габашова, Јозеф Пушкар, Вероника Моравчикова, Мирослав Балај, Ерика Моравчикова и Луција Велкова.