Излезе „Лорд Морд“ – новиот роман на Милош Урбан

64

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Лорд Морд“ на чешкиот писател Милош Урбан, авторот на бестселерот „Седумцкрвие“. Станува збор за готски трилер проткаен со булгаковски елементи на фантастика и гротеска. Преводот на македонски е на Игор Станојоски.

При крајот на 19 век, во Прага пламти конфликтот меѓу Чесите и Германците, се модернизира еврејскиот дел од градот, глодан од глувци, туберкулоза и други епидемии. На грофот Арцо, наречен Лорд Морд, му пречи што омилениот дел од метрополата му исчезнува пред очи и решава да спаси барем еден објект на тој начин што ќе го купи и ќе одбие да се исели. Прашката администрација му испраќа свои луѓе, првин со добро, а потоа и со лошо. Во меѓувреме почнуваат да се случуваат убиства на проститутки. Некои луѓето сметаат дека ноќе шета еврејското чудовиште, монструмот без лице, наречен Мевце, или Клајнфлајш. Други сметаат дека поврзаноста меѓу злосторствата е нешто што треба дополнително да се истражува.

Милош Урбан (1967) се смета за еден од најзначајните и најчитани чешки прозаисти. Дел од детството поминал во чехословачката амбасада во Лондон. По дипломирањето на Катедрата за англистика и нордистика во Прага, стажирал на Оксфорд, а од 1992 година работи како уредник во неколку издавачки куќи. Пишува хорор-приказни и е познат како темниот витез на чешката книжевност. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.