Извонредната збирка „За жените“ на Бинг Син на македонски

72

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „За жените“, од позната кинеска писателка Бинг Син, во превод од англиски јазик на Елена Саздовска. Бинг Син е најпознатата фигура на женското писмо во кинеската литература на 20 век. Во оваа книга ја раскажува сопствената верзија на феминизмот. И го поставува прашањето: дали мажите или жените се поквалификувани да зборуваат за проблемите на современите жени. Оваа книга содржи раскази за различен тип жени, кои нудат различни претстави за жените, а во кои се оформува ставот за жените во целина.

Приказните се раскажани од машки наратор, факт што авторката го прикрива до 1980 година, кога превезот за тоа го симнува во предговорот на третото издание на книгата. Својот оригинален стил го комбинира со поетичниот израз, кој е истакнат во класичната кинеска лирика, со наративен реализам, во луцидна и провокативна синтеза.
Во предговорот на второто издание, напишан во 1945 година, Бинг Син го изразува своето мислење дека поверојатно „господата“ повеќе ќе ја читаат нејзината книга отколку жените. Шеснаесетте текста што ја формираат збирката како целина нудат различни претстави за жените.

Бинг Син (1900 – 1999) се издвојува како исклучителна, неповторлива и важна фигура меѓу многуте кинески писателки од дваесеттиот век. Со нејзиното рано вклучување во движењето „Четврти мај“, кое започна во 1919 година, се вброи во генерацијата писатели што ја оспорија традицијата и се залагаа за преиспитување на кинеската култура. Денес е повторно актуелно творештвото на Бинг Син, особено нејзината извонредна збирка „За жените“.