Игор Јосифов на Биеналето во Фиренца за 500 години од смртта на Да Винчи

722

Тој есенва ќе ја претставува Македонија и во Романија, преку изложба што ќе биде отворена во нејзиниот почесен конзулат во Темишвар, а се наоѓа во зграда од 1716 година што му припаѓала на гувернерот на Банат, Клавдиј Флоримунд Мерси

Македонскиот уметник Игор Јосифов во октомври ќе учествува на Биеналето на уметноста во Фиренца (18 – 27 октомври), по покана од неговиот претседател, Паскал Селона. Дванаесеттото по ред Биенале ќе се одржи под покровителство на италијанскиот комитет на УНЕСКО, на италијанското министерство за култура, регионот Тоскана и општината Фиренца.
– Биеналето ќе ги вклучи учесниците и посетителите и во планираните работилници, конференции и предавања поврзани со темата, со која се одбележуваат 500 години од смртта на Леонардо да Винчи: „Ars et Ingenium – кон Леонардовото наследство на сличности и пронајдоци“ – најавува Јосифов.

Тој есенва ќе ја претставува Македонија и во Романија, преку изложба што ќе биде отворена во нејзиниот почесен конзулат во Темишвар, а се наоѓа во зграда од 1716 година што му припаѓала на гувернерот на Банат, Клавдиј Флоримунд Мерси.
На 8 јули, пак, во Музејот на Неготино, Јосифов ќе има самостојна изложба со наслов „Че биде“, на која ќе се претстави со својот истоимен проект, трансформациска инсталација посветена на уметничките авторски права. На изложбата публиката од идната недела ќе има можност да го види и авторовото дело „Нелсон Мандела“, кое Јосифов првпат го презентира на 9 мај, на изложбата „Лични структури“ во „Палацо Мора“ во Венеција. Наедно ќе биде прикажан и новиот филм „Че биде вистина“, снимен од кинематограферот Самир Љума.

Игор Јосифов е роден во 1986 година во Кавадарци. Дипломирал на Академијата за уметност во Сан Франциско, во 2009 година. Самостојно изложувал во Сан Франциско, Беркли, Чикаго, Њујорк, Париз, Ширјах. Учествувал на повеќе групни изложби во земјава и во странство. Студиски престојувал во „Вотермил центар“ (Њујорк), а во моментов живее и работи на релацијата Сан Франциско – Париз. Јосифов наедно е и единствениот македонски уметник што учествувал во перформанс на славната Марина Абрамовиќ, која својата кариера ја почна во раните 1970-ти години и е активна повеќе од три децении, а неодамна се опиша себеси како баба на уметноста на перформансот.

Тој учествуваше во нејзиниот перформанс во њујоршкиот музеј МоМА, „Уметникот е присутен“, во кој таа седеше на маса во тишина, а посетителите на музејот седнуваа отспротива и гледаа во неа. Абрамовиќ исто така присуствувала и на перформанс на Јосифов во „Арт-институтот“ во Чикаго.