За моите дела, ритамот е над сите вредности

74
Фото: Каролина Мицевска

Во август годинава бев дел од Меѓународното биенале за уметници што работат со природни материјали во природа во градот Гонг Ју, во Јужна Кореја, посочи уметникот, кој во родниот град Прилеп деновиве се претставува со инсталацијата „Премин“

Атанас Атанасоски, уметник

Прилепскиот уметник Атанас Атанасоски, кој има специфичен уметнички ракопис, деновиве во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ја претстави својата нова инсталација, насловена „Премин“, која го побудува интересот на ликовната јавност, пред сѐ поради едноставноста во создавањето, но и поради пораката што ја содржи. Во изминатиов период Атанасоски беше македонски претставник на работилници во Јужна Кореја и во Обединетите Арапски Емирати, што беше и повод за разговорот.

Инсталацијата „Премин“ е дел од манифестацијата „Нов културен бран“ на Министерството за култура, а во суштина е продолжение на вашите претходни проекти. Која е пораката што сакате да ја пренесете?
– Идејата за реализација на проектот се надоврзува на претходните изложби, во кои концепцијата се темели на монохромијата, минимализмот, математиката- геометријата, и има за цел да ја бара естетиката на хармонизирањето на соживотот меѓу природата и човекот. Таа нуди можност за пристап кон уметничкото изразување, кое поради растечките еколошки и социјални проблеми станува сѐ порелевантно и социјално ангажирано. Играта на точно одредените линеарни визури, ликовната изведба се фокусира на природните материјали како податни ресурси при обликувањето на вегетативните структурални површини. Од културната стратиграфија, како инспиративен момент е пејзажниот знак, кој и претходно бил својствен мотив за мојот творечки сензибилитет. Ликовно фасцинантната вегетација карактеристична за нашето поднебје во овој проект нема само декоративна функција туку претставува конститутивен елемент што ќе ја изгради семиолошката и симболичка структура. Се манифестира како стилистички факт на просторни метафори, откривање галактички светови. Ритамот на сопствениот тивок криптичен говор, редењето на трнливоста вегетација од спектар на структура и колорит, дел по дел, се соединуваат во една целост, која рефлектира високо низ континуирано високософистицирано „текстуално“ ткаење. Различните геометриски барелјефни мотиви, прелеани во својата глобална композициска структура, низ континуираното ритмичко мултиплицирање во различни насоки, го активираат динамичниот тек на ликовното дело. Светлината вибрира врз композицијата, со благите прелевања на светло-сенките, кои уште повеќе ја ритмизираат и динамизираат играта на фасцинации, создавајќи го моменталниот мозаик.

И овој проект, како и претходните, е специфичен, но сепак препознатлив за вас како уметник?
Овој проект со карактеристичен ликовен израз се надоврзува на моите претходни делa моделирани од дрвенеста вегетација. Неговата специфичност, но и на претходните, е препознатливa по материјалите со кои ги моделирам делата, по колоритот и структурата, но и по формата, која секогаш пренесува некаква симболика. Посебноста и препознатливоста на моите дела имаат широк афирмативен ефект за мене како ликовен автор.

Природата ви е најчестата инспирација. Зошто?
Отсекогаш му се восхитував на пејзажот што ме опкружува, особено на многубројните варијанти на трнливата вегетација, која ја има во изобилство во мојата непосредна близина. Станува збор за вегетација што по бербата ги задржува цврстата структура и колорит. Богатството на различни структури и фасцинации од колоритни нијанси е предизвик овој ресурс да биде основен градежен материјал при моделирањето на моите ликовни дела. Со користењето обновливи материјали земени од природата, сакам да ја истакнам еколошката свест за употреба на природни материјали во секојдневниот живот, па и можноста за создавање уметност.
Орнаментиката како автономна појава со автентична еволуција, која се реализирала преку постојано уметничко изразување, е првата инспирација за создавање на мојата уметничка работа. Од просторот за работа, локалитетот, традицијата и достапните локални ресурси зависи како ќе бидат моделирани моите ликовни дела. Најчесто тоа се објекти, скулптури моделирани во орнаментални форми, со различна вегетативна структура, во зависност од амбиенталниот простор и достапниот материјал. За моите дела ритамот е над сите вредности, тој е фактор што го прави редот, носи хармонија во нередот, тој е оној што е врвен принцип и монитор што ги регулира сите уметнички елементи.

Неодамна бевте во Јужна Кореја, пред тоа во Обединетите Арапски Емирати, во Абу Даби. Какви ви се искуствата?
– „Абу Даби арт хаб“ претставува уметничка заедница во Обединетите Арапски Емирати и е позиционирана помеѓу Истокот и Западот, како дестинација за уметници од целиот свет, кои по пат на апликација можат да престојуваат на еден вид интеркултурна и интерактивна платформа во идеалните просторни капацитети, со можност за создавање, живеење и промовирање различни уметнички изрази. Тоа беше идеална можност еден месец да престојувам во оваа земја и да се запознаам со нивната култура. За време на мојот престој работев со рециклирана хартија, а на крајот се претставив со самостојна изложба во една од галериите на „Арт хаб“ во Абу Даби.
Во август годинава бев дел од Меѓународното биенале за уметници што работат со природни материјали во природа во градот Гонг Ју, во Јужна Кореја. На биеналето, по пат на селекција, беа поканети дваесет уметници од целиот свет, а годинешната тема на која се одржа беше „Природа – приватен простор“. Престојот за мене беше идеална можност за запознавање со многу уметници од целиот свет, кои генерираат разни нови идеи и уметнички интерпретации и за моето позиционирање како автор што создава дела од природни материјали во галериски и природен простор.

Ги следите ли светските искуства во уметноста?
Живееме со технологија што ни нуди информации на дневна основа за уметноста и за уметниците во целиот свет. Но, како што поминува времето, со тоа и побогатото искуство, мојата анализа и инспирација се насочени кон моето блиско опкружување, култура и традиција и не мислам дека овдешната уметност е само локална, а некаде во големите културни центри светска.

Следните активности?!
Како уметнички творец што се инспирира и дејствува помеѓу западната и источната култура, постојано ги барам моќта и виталноста во она што се наоѓа во безвременското и самообновливото и претставува единствена целина со космичкиот ред. Ја прифатив уметноста, која претставува сè, господар на универзумот, на кој му се восхитувам на големината, а јас сум само дете што игра на земјата и ѕвезденото небо. Во оваа насока и понатаму продолжува моето творештво.