Закажани концерти, купени авионските билети, а фестивал нема!

274

Новата објава на ревидираните резултати за Годишната програма на Министерството за култура предизвика шок и неверување не само кај организаторите на фестивалот „Денови на македонската музика“, меѓу членовите на Сојузот на композитори, туку и кај пошироката културна јавност и редовните посетители на овој фестивал, се вели во реакцијата на Сојузот на композитори на Македонија по одлуката овој фестивал да не биде поддржан од државата.

– И покрај уверувањето дека со ревизијата ќе се коригираат само резултатите за оние апликанти што не добија средства во првата објава (со која на СОКОМ како организатор на „Денови на македонската музика“ му беа доделени 1.500.000 денари, што е за повеќе од половина помалку од побараните, иако проектот беше оценет со висока оценка – 97), во втората објава комисијата решила тоа свое првично решение да го поништи, во целина да му ги одземе веќе објавените средства и со тоа практично да го укине фестивалот што годинава треба да го доживее своето 42. издание – велат од сојузот.

И двете одлуки на комисијата, само ги потврдуваат нивните повеќепати искажани мислења дека таа се раководи исклучиво од субјективни наместо од професионални стандарди.

– Истовремено, и двете одлуки потврдуваат дека членовите на комисијата ни од далеку немаат поим како се организира еден реномиран меѓународен фестивал, и што значи буџетот на таков фестивал, намален за повеќе од половина, прво да се дознае на само два месеца пред неговиот почеток, а потоа, на само неполн месец тој и сосема да се укине. Во првата објава на резултатите од конкурсот, поради намалениот буџет, но и поради доцната објава на истиот тој, бевме принудени да го смениме форматот на фестивалот и да донесеме одлука во првата етапа да се реализираат најпрвин проектите со странските уметници што беа договарани со месеци претходно. Тоа се проекти што е незамисливо да се откажат, од проста причина што во нив финансиски учествуваат голем број странски партнери, авионските билети се веќе купени и се преземени низа дополнителни обврски. Та нели самото министерство бараше од нас како апликанти уште во ноември да поднесеме и документација преку која се потврдува дека договорите и сумите со кои аплицираме не се само фиктивни? – изненадени се композиторите.

Првиот концерт на ДММ е закажан за 6 април и веќе се преземени сите потребни чекори за негова реализација.

– Само за пример, тој проект, кој е реализиран во соработка со Австриското друштво за современа музика, е поддржан од уште седум австриски институции. Од македонска страна – ниедна! Дали е ова претставата на нашата држава како треба да се негува националната култура и кој треба да биде заинтересиран за неа? Комисијата не знае, но ние знаеме кое е и какво е реномето на „Денови на македонската музика“. Тоа го потврдуваат врвните светски уметници што сакаат да настапуваат на фестивалот, кои за него имаат само најубави зборови и таа слика најсрдечно ја шират во светот. Тоа го потврдуваат и странските институции што редовно ги поддржуваат проектите на овој фестивал. Оттаму, исто така, комисијата не знае, но ние знаеме колкав е срамот што овој пат ниту ДММ, ниту СОКОМ, туку државата ќе треба да го поднесе пред меѓународните институции – бурно реагираат од СОКОМ.