Заживување на чаршијата со кино, концерти, изложби

169
„Враќање“

„Звуците на чаршијата“ е мултимедијална и мултикултурна манифестација, која годинава се одржува по 13 пат, со идеја да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје и да придонесе за еманципација на културно неизградените средини

Во старото градско јадро на Старата скопска чаршија од денеска почнува традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“, која ќе трае и во наредните два дена. Манифестацијата веќе неколку години има цел да ја заживее чаршијата преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети. Старото јадро е културен и духовен споменик на градот, а намерата на организаторите е да се врати духот на занаетите, барем на оние што останале до денес.

– „Звуците на чаршијата“ е мултимедијална и мултикултурна манифестација, која годинава се одржува по 13 пат, со идеја да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје и да придонесе за еманципација на културно неизградените средини. Таа придонесува кон континуираните активности на градот Скопје и Културно-информативниот центар – Скопје за ревитализација на Старата скопска чаршија.

Во согласност со таквите настојувања, и овој пат е направена богата културно-забавна програма, чија цел е да ги анимира посетителите на овој дел од градот – вели директорката на КИЦ, Сермине Пурини.

Манифестацијата почнува денеска, во 14 часот, на плоштадот „Скендер-бег“ со настанот „Старата скопска чаршија во делата од литературните творци“. Во 18 часот на Камени мост ќе биде поставена изложба на фотографии на чаршијата, дела на Арбнора Мехмети и Зоран Шекеров. Во 17 часот на плоштадот „Скендер-бег“ ќе настапат неколку културно-уметнички друштва. Во 19 часот во КИЦ – Скoпje ќе има изложба ЗУК „Силиндарт“, а во 20 часот на плоштадот „Скендер-бег“ со солистички изведба ќе се претстави гитаристот Артан Кастрати. Во 20 часот на истото место е балетската изведба на претставата „Сон“. Во 21 часот во паркот на Скопското кале ќе се одржи кино под отворено небо, со проекција на филмот „Враќање“ на Кастриот Абдули.

Утревечер, во 20 часот, на платото пред Универзитетот на Југоисточна Европа, на програмата се проектот „Деструкција ритам“ на уметникот Исмет Рамиќевиќ и музика од Сецко Хаџиќ. Во 21 часот ќе се одржи концерт на Камени мост, на плоштадот „Филип Втори“, со неколку диџеи, а в среда концерт ќе има на истото место од 21 часот.

– Фестивалот е првиот чекор што градот Скопје го направи во 2006 година како иницијатива за заживување на чаршијата. Изменетото работно време и забраната за движење на возила по улиците на чаршијата, пак, придонесоа таа да стане најфреквентното место во градот, во кое доаѓаат да се забавуваат граѓани од сите националности – вели Пурини.

Изминативе години на „Звуците на чаршијата“ учествуваа многу познати пејачи, уметници, танчари, аниматори, познати групи: македонски, албански, турски, ромски, во духот на идејата на манифестацијата, да биде мултикултурна. КИЦ – Скопје, освен на реномирани уметници, им дава шанса и на дебитанти, кои токму тука, на ова место, на оваа манифестација ја започнале својата кариера.