Жарко Башески со „Задушување“ на „Арт капитал“

50

Скулпторот со видеообраќање на Дунав, беше дел од уметниците што го отворија третото фестивалско издание во Сентандреја

Со видеообраќање на лед-екран поставен на Дунав, скулпторот и професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, Жарко Башески, беше дел од уметниците што официјално го отворија 3-от „Арт капитал фестивал“ во Сентандреја, во Унгарија. До 24 јуни до кога и трае годинашното фестивалско издание љубителите на современата уметност и хиперреализмот ќе може да го видат и најновото дело на Башески, насловено „Асфиксија“ („Задушување“), како и дела на повеќе светски реномирани уметници меѓу кои се и Јоко Оно, Рита Акермани и Моника Баер.
– Огромна чест претставува да се учествува на фестивал од ваков калибар и да се изложува заедно со имиња од светски ранг. Благодарен сум му на „Арт капитал“ за можноста вторпат на интернационалната јавност да ѝ претставам дел од македонската современа уметност. Минатата година имавме одлична соработка и што е најважно за мене, публиката позитивно одговори на пораките, кои делата ги пренесуваат – изјави Башески, упатувајќи и голема благодарност до „Кибла Портал центар“ од Марибор, Словенија и на нивниот проект „МИГ 21“ за големиот придонес и за поддршката без кои ова негово учество на фестивалот можеби немало да се оствари.

Скулпторот дебитираше лани на истиот фестивал со повеќе дела, кои се сметаа за една од неговите главните атракции.
– И оваа година „Арт капитал“ е домаќин на светски уметнички имиња, меѓу кои и господинот Жарко Башески. По минатогодишната успешна соработка, оваа година одлучивме да биде меѓу уметниците што го отворија фестивалот. Неговиот хиперреалистичен начин на изразување гради еден неконвенционален однос меѓу гледачот и делото, создавајќи близина, која се граничи со непријатна реалност. Новото дело „Асфиксија“ не нуди никаков oчигледен предзнак или корисен наратив – неизбежно монументална, „главата“ се соочува со гледачот и со неговите сосема лични моменти, но и општо, со човечките димензии – изјавил Габор Гулиас, уметнички директор на фестивалот.
„Арт капитал“ се одржува секоја година во Сентандреја. Централниот негов фокус е ставен на современата уметност, изложена на повеќе од десет простори во состав на музеј-центарот – „Ференци“. Тематиката што се обработува годинава е односот на современото човештво кон природата и копнежот по изгубениот рај: идејата за библиската градина Еден.
Покрај делата што во моментов се изложуваат во градовите низ Европа, изложбата на „Асфиксија“ во Унгарија е дел од турнејата на Башески низ седум града во Европа, меѓу кои Марибор, Камник, Копар и Слуј. Во неговиот опус тој има над дваесет хиперреалистични дела, а до крајот на годината е планирано да претстави и нови, пред домашната и пред интернационалната публика.