Ермис Лафазановски во трка за „Балканика“

36

На конкурсот за избор на национален претставник за меѓународната награда „Балканика“, оваа година до организаторот, издавачката куќа „Магор“, пристигнаа следните 7 книги, од кои жирито во состав Елизабета Шелева, Александар Прокопиев и Лидија Капушевска-Дракулевска, ја избра збирката раскази „Туја“ од Ермис Лафазановски. Во конкуренција беа Бранко Прља со „Апокалипса.мк“, Томислав Османли со „Океан од слики (раскази и каприча)“, Кица Барџиева Колбе со „Земја на бегалците“, Игор Станојоски со „Диссомнии“, Глигор Стојковски со „Божја честичка“ и Живко Гроздановски со „Последното име на иднината“.

– Луцидноста, според која Лафазановски отпорано е препознатлив и се издвојува во корпусот на македонската проза, во новата книга „Туја“ се впушта во нови предизвици и оди чекор понатаму, со своето истражување и нурнување во уште похрабри и порадикални – наративни, композициски, стилски, реторички решенија. Ова е проза со комплексна и слоевита моќ, а, само навидум незадолжителниот, шегобиен и лежерен тон, во самиот тек на приказната, неосетно се претвора во остра, беспоштедна критика на „режимот на секојдневието“, во болна шлаканица кон а/моралноста на нашето совремие и на малиот човек- сметководител со себеси и својата перверзна добивка.

Комуникативноста на оваа проза ќе ги осигури нејзиниот добар прием и одзив кај пошироката читателска публика, не само во домашната туку и во пошироката книжевна јавност, особено, со оглед на фактот, дека овие раскази (според својата проблематика и својата „разговорна“ интонација) не се локално ограничени и се доживуваат како универзално функционални параболи на современиот егзистенцијален апсурд на малиот човек – се вели во одлуката. Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“. Манифестацијата „Балканика“ годинава ќе се одржи во Букурешт, Романија, од 14 до 16 декември.