Елена Пренџова ќе оствари резиденцијален престој во Естонија

314

Слемерката и поетеса Елена Пренџова ќе оствари резиденцијален престој во Тарту, Естонија, идната недела. Престојот е дел од проектот за културна мобилност на „и-Портунус“, во организација на „Креативна Европа“. Проектот има за цел интернационално вмрежување на уметниците што се занимаваат со изведувачки уметности, а се државјани на европските држави.

Пренџова е една од 131 уметници од Европа избрани да бидат дел од оваа програма, а покрај неа од нашата земја добитничка на овој грант е и Иванка Апостолова Баскар, историчарка на уметност и една од реосновачите на Македонскиот центар на интернационалниот театарски институт.

Пренџова ќе биде дел од еднонеделната работилница за слем во Тарту, на која ќе има учесници и од Естонија. Целта на работилницата е да се зацврстат врските помеѓу домашната и слем-сцената од балтичкиот регион, како и да се продлабочат контактите за поинтензивна соработка. Пренџова, исто така, ќе биде и почесна гостинка на естонскиот избор за национален претставник на Европското слем-првенство, кој ќе се одржи на 14 септември во Тарту.

На вечерта, Пренџова ќе има самостоен настап, како и заеднички настап со естонските учесници на работилницата. Престојот во Естонија е првиот дел од добитничкиот проект на Пренџова, а вториот дел таа ќе го оствари во Марибор, Словенија, во декември оваа година.