Едноминутниот „Слатки соништа“ награден во Хрватска

95

Прилепчанецот Зоран Пиловски доби златна плакета на УНИКА – хрватскиот фестивал на едноминутен филм, кој се одржа во Пожега. Од вкупно пријавените 494 филма од 44 земји, „Слатки соништа“ влезе во потесната селекција од 60, за на крајот да успее да се наметне како највпечатлив за прецизното око на реномираното жири.

– Многу ми е мило за наградата бидејќи главен во жирито беше еден од најпознатите светски сценографи, Алан Старски, кој е добитник на „оскар“ за филмот „Шиндлеровата листа“, како и за „Пијанист“. Во филмот, кој вкупно трае 59 секунди, основната идеја е сиромаштијата – вели авторот Пиловски.
Посебната награда на УНИКА, која ја доби филмот „Слатки соништа“, се доделува за промовирање на разбирањето меѓу народите и новиот начин на филмското изразување. Хрватскиот фестивал на едноминутен филм е реномирана манифестација во светски рамки што годинава се одржа 26-ти пат.