Египетскиот музеј во Гиза – проект вреден милијарда долари

193

Дел од јавноста не е импресионирана од грандиозните ветувања за отворањето на новиот египетски музеј. Египетскиот археолог Моника Хана смета дека ова е само еден голем суетен проект уште од времето на режимот на поранешниот претседател Хосни Мубарак, кој беше на власт цели 30 години пред да биде симнат

Долго време одложуван, грандиозниот музеј би требало да биде отворен во 2020 година. Но додека драгоценостите на Тутанкамон полека се подготвуваат за туристите, некои критичари на музејот гледаат како на проект што е симбол на египетската суета.
Во огромното засенчено фоаје на новиот египетски музеј е сместена колосална статуа на Рамзес Втори, околу која се довршуваат другите конструкции. Неговото лево стапало како да зачекорува напред, а дланките му се стиснати во тупаници. Персоналот што ги дочекува новинарите-посетители се труди да ги увери дека импозантно високата скулптура е безбедна, и покрај тековните градежни работи околу неа. На своето патување кон новиот музеј минатата година, таа беше придружувана од 11 коњаници облечени во воени униформи, додека во заднината се интонираа звуците на националната египетска химна.

Ако се исполнат ветувањата за скорашно комплетирање на музејот, статуата (тешка 83 тона) на третиот фараон од 19-та египетска династија, познат и како Озимандиас на грчки, ќе биде првата глетка што ќе ги пречекува посетителите што ќе влегуваат во зградата со големина од 500.000 квадратни метри. Висока повеќе од девет метри, статуата речиси го допира засводениот таван на оваа грандиозна конструкција, во која се очекува да бидат сместени околу 100.000 предмети. Многу од нив ќе бидат изложени првпат, исто како и 3Д-киното со 250 седишта, но и забавниот детски музеј.

Големиот музеј ќе нуди и панорамска глетка кон Големите пирамиди во Гиза. Но кога ќе биде отворен?

Овој проект, вреден 1 милијарда долари, го „мачат“ постојани одложувања во реализацијата. Најпрвин беше планирано да биде отворен во 2015 година, цела деценија откако беше почната неговата изградба. Додека градежните работници го полнат фоајето со експонати и ја финализираат решеткастата конструкција на предниот дел, музејските служби изјавија дека проектот е речиси завршен. Локалните медиуми неодамна официјално се пофалија со најавата дека музејот ќе биде отворен во 2020 година.

– Големиот музеј е подарок од Египет за целиот свет – изјави Калед ел-Енани, министерот за културно-историско богатство, користејќи го слоганот што беше кажан по повод отворањето на вториот Суецки Канал во 2015 г.
Тој смета дека овој мегапроект значајно ќе ја ревитализира египетската економија. Властите изразија надеж дека Големиот египетски музеј ќе привлекува пет милиони посетители годишно, со што ќе помогне за пораст на туризмот и за подобрување на финансиската ситуација во државата.

Инженерите на проектот тврдат дека бетонскиот дизајн има толку добра изолација, што е сосема безбеден во однос на пеколните пустински температури, па, така, иако покривот може да биде загреан и до 70 Целзиусови степени, внатрешноста на музејот и неговите скапоцени содржини ќе се одржуваат на стабилни 23 степени. Оваа импозантна градба ќе му го одземе приматот на светски познатиот Египетски музеј, понекогаш нарекуван Музеј на Каиро, кој беше изграден во 1901 година во центарот на градот и во моментов е дом на најголемата светска колекција на фараонски антиквитети, вклучувајќи ја и легендарната златна погребна маска на Тутанкамон.

Самиот музеј ќе му посвети 7.000 квадратни метри од вкупниот простор токму на момчето-крал, младиот фараон Тутанкамон, каде што првпат ќе бидат изложени заедно околу 5.400 предмети пронајдени во неговата гробница од страна на Хауард Картер во 1922 година. Меѓу нив ќе бидат прикажани и трите фараонови ковчези и погребната маска. Еден голем позлатен ковчег во јули беше отстранет од гробницата на Тутанкамон во Долината на кралевите во Луксор, првпат по неговото откривање. Сместен во камион со сите безбедносни мерки, тој беше преселен во Каиро заради детална реставрација, пред да биде конечно сместен во новиот музеј.

– Се работеше за деликатна постапка, бидејќи самиот ковчег е многу лесно кршлив. Според нашите очекувања, ќе бидат потребни осум-девет месеци за саркофагот да се доведе во доволно добра состојба и дури тогаш да се намести како експонат за посетителите. Значи, не пред 2020 година – изјави Калед ел-Енани, застанат пред позлатениот саркофаг во лабораторијата за конзервација, во непосредна близина на музејот.

Сепак, постојат луѓе што не се импресионирани од грандиозните ветувања за отворањето на новиот египетски музеј.
– Ова е само еден голем суетен проект уште од времето на режимот на поранешниот претседател Хосни Мубарак. Тој беше на власт цели 30 години, од 1981 до 2011 година, кога беше соборен. Но, за жал, ние го наследивме овој проект, па сега сме принудени да го реализираме – вели египетскиот археолог Моника Хана.
Проектот наречен „Каиро 2050“ на Мубарак, претставен четири години пред неговото симнување од власт, предвидуваше раселување на 7.000 граѓани заради изградба на широк булевар со дрворед, кој требаше да го поврзува центарот на Каиро со пирамидите и туристичките атракции, вклучувајќи го и Големиот египетски музеј.
– Туристите ќе ни доаѓаат ако им понудиме едно поинакво доживување, имаме највисока стапка на туристи што не се враќаат кај нас по првото доаѓање. За да ја промениме оваа состојба, потребно е да ги намалиме политичката напнатост и лошата безбедност, да обезбедиме пристоен јавен превоз и чисти санитарни простории – истакнува Хана.

Во 2018 г., Египет го посетиле 11,3 милиони туристи, што претставува огромен пад во однос на оние 15 милиони што дошле во 2010 година. Властите се надеваат дека новиот музеј ќе ги неутрализира неодамнешните случувања во Египет, како автомобилската бомба пред болницата во Каиро (август) и бомбата покрај патот (мај), која експлодира пред туристички автобус блиску до музејот, повредувајќи дури 17 луѓе. „Бритиш ервејс“ ја разлути египетската влада во јули, откако за цела недела ги укина летовите до Каиро, наведувајќи дека постојат одредени безбедносни ризици. Египетскиот министер за цивилно воздухопловство донесе одлука да наметне нова авионска такса во висина од 25 долари за сите патници што заминуваат од аеродромот во Каиро, која треба да започне со реализација од ноември 2019 година.

И покрај проблемите, египетските власти се надеваат дека богатата програма предвидена по повод отворањето на новиот музеј ќе привлече многу посетители.
– Тоа ќе биде настан што нема да го заборавите до крајот на вашиот живот – гласно ветува Мустафа Вазири, претседател на Врховната комисија за древно културно наследство. В.Б.Н.