Европска поддршка за македонскиот филм

100

Фестивалот „Македокс“ доби поддршка од 27 илјади евра, а македонскиот филм во развој „Најсреќниот човек на светот“, во режија на Теона Стругар Митевска, е поддржан со 30 илјади евра. На повикот за автоматска дистрибуција, компанијата за продукција и дистрибуција „Катавеј“ доби поддршка од 8.531 евро

Програмата „Креативна Европа – медиа“ поддржа три македонски проекти/компании во три различни повици. На повикот за филмски фестивали петти пат по ред фестивалот на документарен креативен филм „Македокс“ доби поддршка од 27.000 евра, додека на повикот за развој на проект, поддршка од 30.000 евра доби македонскиот филм во развој „Најсреќниот човек на светот“, во продукција на „Сестри и брат Митевски“, а во режија на Теона Стругар Митевска. На повикот за автоматска дистрибуција, компанијата за продукција и дистрибуција „Катавеј“ доби поддршка од 8.531 евро.

Инаку, по покана од Филозофскиот филмски фестивал, на 27 мај, Бистра Георгиева, која е раководителка на „Медиа деск мк“, ќе учествува на вебинар на тема „Ковид-19 и состојбите во македонскиот филмски сектор“, каде што меѓу другото ќе се разговара за тоа како домашните и европските институции одговорија на ковид-кризата, какви се „новата нормала“ и реосмислувањето на филмската индустрија и како сакаме да го замислиме филмскиот сектор во иднина. На вебинарот ќе учествуваат и Анита Стојческа (Агенција за филм), Игор Иванов (режисер), Владимир Љ. Ангелов (Кинотека), Саша Станишиќ (Катавеј), Стефан Палитов (режисер), Татјана Јаневска (Скопски филмски фестивал), Дарко Набаков (Македокс), Атанас Георгиев (продуцент) и Русе Арсов (Синедејс).

Инаку, „Медиа деск мк“ од неодамна ја почна кампањата „Медиа енд ми“, преку која се промовираат македонските филмаџии што биле дел од различни тренинг-програми поддржани од „Креативна Европа – медиа“. Целта на кампањата е да се пренесат личните искуства од работилниците и од тренинг-програмите, како и да се поттикнат другите филмски професионалци за дополнителна едукација.