„Друга приказна“ ќе даде придонес во кампањата пред референдумот

173

Несомнено е дека нашите позиции, и како поединци и како фестивал, се проевропски и во насока на поврзувања, регионални и глобални. Се разбира, нашата позиција е повеќе културно-уметничка отколку политичка, но преплетот на тие позиции некогаш е неизбежен, а некогаш и продуктивен, вели организаторот

Третото издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“ ќе се случи од 6 до 8 септември во Музејот на современата уметност во Скопје. Добитничка на главната награда е хрватската писателка Оља Савичевиќ-Иванчевиќ. Главната тема на фестивалот е „Идентитетот како претстава“. Учесници на фестивалот ќе бидат триесетина писатели и теоретичари од регионот и од нашата земја. Своето учество досега го потврдија следниве учесници од регионот: Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Сибила Петлевски, Радмила Лазиќ, Марко Погачар, Шпетим Селмани, Биљана Космогина, Енес Халиловиќ, Драган Протиќ, Дејан Илиќ, Владислав Христов, Иван Димитров, Даница Вукичевиќ, Петра Митиќ, Стефан Бошковиќ…

Специјален гостин на фестивалот ќе биде белградскиот поп-електробенд „ЕПП“.

– Главната фестивалска тема, „Идентитетот како претстава“, ја избравме, меѓу другото, и за да дадеме придонес во кампањата што во септември ќе биде актуелна кај нас, пред референдумот за промена на името на државата и за влегување во ЕУ и во НАТО. Несомнено е дека нашите позиции, и како поединци и како фестивал, се проевропски и во насока на поврзувања, регионални и глобални. Се разбира дека и нашата позиција е повеќе културно-уметничка отколку политичка, но преплетот на тие позиции некогаш е неизбежен, а некогаш и продуктивен. Темата, се разбира, е многу поширока и опфаќа уметнички, родови, медицински, филозофски, естрадни, маркетиншки и други аспекти. Затоа ни се виде добра (соодветна, провокативна, поттикнувачка) за нашиот фестивал – вели организаторот „Окно“.

„Друга приказна“ е скопски книжевен фестивал за мали фикции. Првото издание се случи во 2016 година. Фестивалот произлезе од потребата за друга приказна насекаде: во книжевноста, културата, политиката – во целото општество. Меѓу поважните цели на фестивалот се популаризација на книжевноста; преиспитување на улогата на книжевноста во општеството, преиспитување на жанровските граници, на релациите меѓу популарното и елитното, високото и ниското, ангажираното и ескапистичкото, преиспитување на улогата на писателот во новите локални и глобални контексти, осмислување и практикување нови стратегии за културни поврзувања, и локално и регионално и глобално, вмрежување на македонските автори и искуства во регионален контекст, збогатување на скопската културна понуда…

– Поднасловот на фестивалот, „Мали фикции“, значи дека примарен интерес се малите книжевни форми, згодни за јавно и сценско споделување. Но тука се и хибридните книжевни форми, местата каде што книжевноста се среќава со музиката, графиката, медиумите, естрадата, теоријата… – велат од „Окно“.

Фотографијата на насловната страница и клипот се преземени од филмот „Балавица“ (Игор Мирковиќ, 2013), направен според расказ на Оља Савичевиќ-Иванчевиќ. Филмот ќе биде прикажан во рамките на годинешниот фестивал.
Досегашни добитници на наградата се Давид Албахари и Влада Урошевиќ.


Оља Савичевиќ -Иванчевиќ е преведувана на 15 јазици

Оља Савичевиќ-Иванчевиќ е родена на 16 септември 1974 година во Сплит. Пишува поезија, проза, колумни. Авторка е на шест поетски збирки, на книгата раскази „Да се насмее пес“ и на два романа, „Адио, каубоју“ (2010) и „Пејач во ноќта“ (2016).
За ракописот „Да се насмее пес“ е наградена со наградата „Прозак“, како најдобра авторка на проза до триесет и пет години.