До крајот на јуни прв културен настан во Кичево

152

Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево го најави првиот културен настан, по подолга пауза.
– За да се приспособиме на условите што ги предизвика појавата на коронавирусот, најпрво ги дезинфициравме работните простории, кои ги адаптиравме на новите услови. За секој вработен е обезбеден доволно голем простор, за да биде безбеден при работењето и да нема опасност од ширење на опасниот вирус. Покрај работните простории, во текот на овој месец целосно ќе биде дезинфициран Центарот за култура, а за последната декада од јуни ќе го имаме и првиот културен настан, „Трио концерт“ на кој ќе биде промовирано и новото пијано, донација од нашинци од САД. Во зависност од тоа како ќе се одвива состојбата со коронавирусот, така ќе ги планираме и културните случувања во натамошниот период, поточно во јули и во август – најави Мазлам Османи, директор на Центарот за култура во Кичево.
Кичево годинава е прогласен за „Град на културата“, но досега поради пандемијата сѐ уште не е започната реализацијата на најавената програма.
– Нам ни припадна честа оваа година да бидеме прогласени за „Град на културата“. За да го оправдаме овој избор подготвивме 50 проекти во апликацијата што ја доставивме до Министерството за култура. За жал, поради состојбите со коронавирусот сѐ уште немаме почнато со имплементацијата на ниеден проект. И утре кога би започнале со реализација на програмата, тешко дека до Нова година целосно би ја реализирале програмата. Сѐ уште е во сила забраната за масовни собири во затворено и останува отворено прашањето што ќе се случи до крајот на оваа година, дали ќе реализираме дел од овие проекти или не – вели Михајло Петрески, задолжен за култура во Општина Кичево. З.А.