Досега невиден портрет на музата на Пикасо на аукција

68

Еден нежен и досега невиден портрет на музата и љубовница на Пикасо, Мари-Терес Волтер, кој уметникот лично го чувал до својата смрт, првпат ќе се појави на аукција. Цртежот со јаглен од 1931 година обелоденува една од најголемите љубовни афери на 20 век. Пикасо го завршил портретот уште додека неговата афера со Волтер била внимателно чувана тајна.

– Тој е вистински бисер и е неверојатно прекрасен. Тој применил техника што му дава неверојатна интимност на делото. Портретот е нацртан со јаглен и дава чувство како раката на уметникот буквално да го милува. Едноставно прекрасно, се навраќа на цртежите од ренесансата, а сепак е толку неверојатно модерен и слободен и спонтан и директен. Речиси како да гледате преку неговото рамо додека го црта – вели Хелена Њуман од аукциската куќа „Сотби“.

Тогаш 45-годишниот Пикасо, несреќно оженет, се вљубил во 17-годишната Волтер кога ја забележал низ прозорецот на „Галери Лафајет“ во Париз, во 1927 година.
– Случајната средба и последователната афера ефикасно му помогнаа на Пикасо да се прероди – открива неговиот внук Оливие Видмаер Пикасо.
Таа претставувала инспирација за слики, цртежи и скулптури, од кои некои се сметаат за најголеми дела од неговата кариера што траела осум децении. Изложбата на Пикасо во 2018 година во „Тејт модерн“ покажа неколку од многуте возбудливи и интензивни слики инспирирани од Волтер.

Делото на Пикасо со наслов „Феме ендормие, 1931“, ќе се продава на вечерната аукција на „Сотби“ на 28 јули и се проценува на сума од 6 до 9 милиони фунти.