Домашните кина не можат да опстојат со 30 отсто публика

122

Загуби во киноприкажувачката дејност

Кината во моментов се соочуваат со една нова реалност, која не зависи само од проблемот на намалената посетеност, намалениот капацитет на салите или, пак, од другите рестриктивни мерки туку и од понудата на нови филмски остварувања, која сѐ повеќе се намалува.
– Поедноставно кажано, ќе снимаме нови филмови за прикажување – вели Дамјана Патчева, филмолог во Кинотеката на Македонија.
Кината се силно оштетени од ударот од пандемијата. Оттаму велат дека интерес од публиката има, но со 30 отсто публика е невозможно да се опстои, дека одложувањето на блокбастерите исто така се одразува врз нивниот опстанок, дека трпат огромни загуби, дека не се гледа филм со маска…
– Кинотеката оваа година го почна летното кино на отворено, кое наиде на голем интерес. Филмската понуда на Кинотеката се остваруваше во согласност со препораките и притоа имавме неколку интересни фестивали и настани – вели Патчева.
Според протоколот за одржување настани во затворен простор, нивната киносала е со намален капацитет, односно само 30 проценти од вкупните седишта се достапни за публиката. Она што Кинотеката го предвидува е зголемување на репертоарот.
– Филмот е индустрија, новата реалност ќе ги принуди продукциите да работат според нови стандарди. Можеби брзината на работа ќе се намали, но филмови ќе има. Иако Кинотеката на својот репертоар во изминативе години отстапи место за современите кинематографии, оваа година можеби ќе се вратиме на старите филмови, на реставрирани остварувања.

Во план е прикажување на серијалот „Декалог“ на Киешловски, но и филмови од странски кинематографии чии програми не сме имале можност да ги видиме, на пример црногорската кинематографија – вели Патчева.
Игор Мраков од „Синеплекс“ додава дека штетата нанесена врз кината е огромна.
– Загубите се огромни. Ние зависиме од филмовите, а како што знаете многу од студијата ги одложија премиерите и сѐ уште ги одложуваат. Ситуацијата е доста сериозна од економска гледна точка, а според процените, таа ќе трае. Ги поздравуваме мерките од четвртиот пакет: регулацијата на ДДВ, како и дополнителната субвенција за платите, но сметаме дека сме неправедно изоставени во делот на грантовите што некои ги добија. Изминатиот период „Синеплекс“ на глобално ниво донесе одлука сите вработени да се задржат на работа, иако не бевме оперативни во ниту една држава. Главно, финансирањето е од сопствени средства. Но очекуваме поголема поддршка и во следниот период од Владата, за да не ни се случи повторно црн период кога едноставно кинокултурата во Македонија беше тотално отпишана со затворање на салите – вели Мраков.

Тој смета дека мерката од 30 отсто дозволена публика е премногу ригорозна.
– Ако се земе предвид дека сите мерки строго ги почитуваме, растојанието од две седишта помеѓу посетителите, редовните дезинфекции, редуциран распоред на филмови поради намалување на турканиците при влез и излез од салите, не гледам причина зошто да не работиме со минимум 50 отсто од капацитетот, како што е речиси секаде во другите земји од регионот. Дури во некои земји процентот оди и до 70 отсто. Очекуваме оваа мерка да биде ревидирана, како и мерката за носење маска, која се почитува, но коментарите од нашите посетители е дека таа е непотребна поради тоа што физичката дистанца од 2 седишта и 1,5 м меѓу гостите е максимално испочитувана и спроведена – објаснува Мраков.
И Михаела Ѓорчева од „Киноверзум“ од Свети Николе потврдува дека бележат катастрофални загуби.

– Прекуноќ останавме без приходи и требаше да најдеме начин да ги намириме направените трошоци. Предолго време се чекаше да се отворат кината. На почетокот сите сметавме дека е тоа привремено, но сепак речиси седум месеци не работевме. Сега е тешко да се влезе во колосек бидејќи сите од оваа индустрија претрпеа огромни загуби: кината, дистрибутерите, филмските студија… Во моментов на сите им се потребни финансии, а тие можат да дојдат само доколку се продаваат билети. Деновиве имаше супер филмови, меѓутоа покажаа многу слаби резултати. Проблемот е што немавме можност да ги промовираме новите наслови – вели Ѓорчева.
Во моментов и тие ги имаат најновите филмски наслови и нема недостиг од филмови, но има недостиг од блокбастери, кои привлекуваат помасовна публика.
– Повеќето од најавените блокбастери беа поместени за крајот на 2020 или за почетокот на 2021 година, што ги одложува приходите на киносалите. Некои од филмовите наменети за големото платно беа пренаменети во филмови за стриминг-платформите и со тоа можноста да се прикажуваат во кината е сосема исклучена – објаснува Ѓорчева.
Во споредба со претходно, во моментов имаат десеткратно помалку публика.
– Во моментов сите вештачки преживуваме и чекаме да дојдат подобри времиња. Сметаме дека ништо не може да ги врати луѓето во кината како добрите и добро рекламираните филмови – додава таа.
Во киното „Милениум“ велат дека имаат среќа што се финансирани од локалната самоуправа.

– Она што е предизвик е да се испланира репертоарот бидејќи повеќе премиери беа откажани, односно одложени на неопределено, а дел од снимањата стопирани – велат од МКЦ под чија надлежност работи „Милениум“.
Репертоарот го конципираат според потребите на публиката, за време на викендите имаат и детска програма, а моментално се прикажуваат и два долгометражни македонски филмови.
– Салата работи со 30 отсто од капацитетот, односно 130 посетители, и тоа е голема предност во однос на другите затворени простори. Додека ги чекаме премиерите на светските блокбастери, нашиот фокус е на домашната продукција. Овој месец ќе има премиера и на новиот филм на Игор Иванов „Хомо“, кој верувам дека ќе привлече публика. Ќе прикажеме и наслови од европската кинематографија, како „Клетници“ или „Каде припаѓаме“, кои ги обиколија светските фестивали и ќе продолжиме со прикажување на холивудските наслови штом започнат со дистрибуција – информираат од МКЦ.
Додаваат дека е очекувано што на почетокот од организирањето настани во затворен простор има одреден страв кај посетителите, но ги охрабруваат сите дека максимално се организирани протоколите за безбедно уживање во проекциите.