Документарецот за Манаки најдобар на фестивал во Париз

47
Роберт Јанкулоски

На фестивалот „Сее а Париз“, наградата за најдобар документарен филм му припадна на „Манаки, приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски. Наградата за најдобар игран филм ја понесе црногорскиот „Бескрајно минато“, додека за најдобро сценарио на филмот „Исмејување на Христа“ на режисерот Јани Бојаџи

На одржаното деветто издание на фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа „Сее а Париз 2019“, каде што на крајот на мај беа презентирани играни, кратки, документарни и анимирани филмови од 15 земји од регионот, наградата за најдобар документарен филм му припадна на „Манаки, приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски. Наградата за најдобар игран филм ја понесе црногорскиот „Бескрајно минато“, додека за најдобро сценарио на филмот „Исмејување на Христа“ на режисерот Јани Бојаџи.

За најдобар актер е награден Александар Алексиев од Бугарија за улогата во филмот „Возвишение“, а, пак, наградата најдобра актерка ја добија трите актерки: Наташа Дорчиќ, Ксенија Маринковиќ и Дорис Шариќ-Кукуљица, за улогите во филмот „Лада Каменски“. На режисерите Виктор Божинов од Бугарија и Чаба Векеш од Унгарија им е доделена наградата за режија за филмовите „Возвишение“ и „Зад колоната“, додека за најдобар краток филм е прогласен „Главно јадење“ од Кристина Баришиќ од Хрватска. Филмот „Ехо“ од Бориша Симовиќ и Коста Ракишевиќ е прогласен за најдобар анимиран филм.

За наградите одлучуваше жирито во состав: Макс Азуле, претседател, Фредрик Фапани, Емануел Галабрије, Хазис Вардар и Патрисија Корбет. Наградата за животно остварување му припадна на српскиот режисер Бора Драшковиќ, а за актерка на словенечката актерка Милена Зупанчич. Наградата „Европа прима“ им е доделена на Мари Арно и Жак Дебс за серијалот „Манастирите на Европа“ во продукција на АРТЕ, додека филмскиот автор и актер Жак Перен беше награден со признание за особени остварувања во филмската документаристика.

Во официјално писмо до претседателот на фестивалот и ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш, Министерството за култура на Република Франција извести дека oстанува покровител на фестивалите на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа во Париз и во Берлин, организирани уште во 2011 година, за интегрирање на балканските култури во Европа. На оваа манифестација досега се прикажани над сто играни и поголем број документарни, кратки и анимирани филмови, со што таа прерасна во културен прозорец на новите имиња на синеасти, кои првпат ги презентираат своите остварувања во двата најголеми центри на Европа.

Годинашните изданија на „Сее а Берлин“ и „Сее а Париз“ се одржаа во престижното берлинско кино „Кенингсштад“, во соработка со универзитетот „Хумболт“ и на универзитетот „Париз-Сите-Сорбон“, каде што беа прикажани повеќе играни, документарни, анимирани и кратки филмови од 15 земји од регионот на Југоисточна Европа.