Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го организира седмото издание на фестивалот на европската литература „Книжевни ѕвезди“, кој ќе се одржи од 12 до 15 октомври. Под слоганот „Џенрезис“, фестивалот оваа година ги поставува прашањата: дали ковид-19 е најопипливата апокалиптична форма на цивилизацијата досега, вител во кој ќе исчезнуваме, дел по дел, или сме исправени пред поглавје на повторно раѓање на човештвото.
– Европската литература како никогаш досега посегнува по своите деконструирани и раскршени крилја. Затоа ќе мора да креира, реплицира, колекционира, конгруира. Тука, меѓу дискрепанцата на спротивставените жанрови во настанување или нестанување, се подига нов збор – џенрезис. Зборот беше почеток, може ли сега да биде – крај? Различностите надвладуваат, па оваа година пред македонската публика со лично присуство во Скопје ќе бидат претставени дури девет автори – најавуваат од „Антолог“.
Влада Урошевиќ, еден е од најпродуктивните и најквалитетни македонски писатели, ќе биде во друштво на писателите што наредната недела ќе пристигнат во Скопје: Катарина Винклер (Австрија), која со романот „Модар накит“ го сврте вниманието на книжевната јавност, Огнен Спахиќ (Црна Гора), наградуван автор, чии книги се преведени на десетина јазици, Сјон (Исланд), исландски романсиер и поет, кој е вистинска книжевна ѕвезда во европската литература, Миодраг Мајиќ (Србија), пак, познатиот двигател на промените во српското правосудство доаѓа во Скопје како автор на два врвни и омилени романи, Балсор Хоџа (Косово), автор на неколку книги и познат и влијателен публицист, Марина Вујчиќ (Хрватска), еднакво активна и во театарот и во книжевноста, моментално е директорка на драмата во Хрватскиот народен театар во Сплит, Софија Лундберј (Шведска), име што уште со романот „Црвениот адресар“ стана меѓународна сензација, и Михаела Гашпар (Хрватска), чие примарно занимање била скулптурата, но подоцна се предава успешно само на литературата.
– Во фокусот на фестивалот, како и секоја година, ќе бидат промоциите на нивните дела. Покрај овие настани од главната програма, организаторите најавуваат и тркалезна маса на темата „Превод/комуникација,/разбирање“, настан во чест на 100-годишнината од раѓањето на Станислав Лем, книжевна дискусија на темата „Книжевни жанрови: систем или креативен хаос“, работилница за креативно пишување од страна на Сјон, книжевно читање „Ти реков, ми рече“, познатиот книжевен поткаст „Гол ручек“ во живо, Саем на европската литература и многу други содржини – најавува организаторот.
Дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Стефан Танков, а настанот е организиран во соработка со Младинскиот културен центар, каде што ќе се одржат фестивалските настани.
Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен, но задолжителен е вакцинален сертификат. Фестивалот е поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Министерство за култура, мрежата „Традуки“, Град Скопје и неколку амбасади.