Децата најмногу ги сакаат бајките што веќе ги знаат

174

Претстави што особено го привлекуваат вниманието кај најмладите се најчесто насловите како „Пепелашка“, „Снежната кралица“, „Црвенкапа“, „Убавицата и ѕверот“… Тоа се бајки што децата неминовно ги гледаат и ги сакаат, веројатно, зашто за нив претходно имаат подготовка од дома, вели Илиевска Силјановска

Пред 30 години, на 25 март, Театарот за деца и младинци ја започна својата работа со претставата „Чудовиштата од нашиот град“, а минатата недела, овој јубилеј го одбележи со монографијата „Сон што трае“, во која е сумиран тридеценискиот развој на институцијата. Театарот за деца и младинци зад себе бележи рекордни изведби на претстави, награди и меѓународни признанија.

Театарот за деца и младинци месецов го прослави својот 30-ти роденден. Кој период од својот почеток па до денес, овој театар го забележува како најуспешен?
– Јас мислам дека нема период што би го издвоила како најуспешен зашто сите три децении од нашето постоење се полни со активности и прекрасни претстави. Единствено што би можела да го издвојам е успехот со претставата „Македонска приказна“ од 2000 година, затоа што со неа освоивме три гран при награди и други многубројни награди, а измамивме и безброј насмевки и радости на лицата на децата и возрасните. Ете, таква среќа имаше таа претстава. Но сите други се еднакво квалитетни на свој начин, се разбира.

Постои ли некоја претстава на вашиот репертоар што особено се истакнува во успешното привлекување на вниманието на младите?
– Претстави што особено го привлекуваат вниманието кај најмладите се најчесто насловите како „Пепелашка“, „Снежната кралица“, „Црвенкапа“, „Убавицата и ѕверот“… Тоа се наслови и бајки што децата неминовно ги гледаат и ги сакаат, веројатно, зашто за нив претходно имаат подготовка од дома.

На кој начин Театарот за деца и младинци ја одржува својата атрактивност кај младите генерации, кои, за жал, сѐ повеќе внимание посветуваат на онлајн-забава? Како сте задоволни од посетеноста во изминативе години?
– Што се однесува до младинската публика, навистина се обидуваме да привлечеме внимание кај нив, со тоа што обработуваме актуелни теми за нив.
Некогаш тоа е филозофска тема, некогаш атрактивни филмувани дела, а непосредно пред да запреме со работа поради познати причини, требаше да имаме премиера на една тинејџерска претстава за врсничкото насилство меѓу младите, нешто што е многу актуелно и кај нас. Инаку да бидеме искрени, сѐ уште е потребно да се работи на привлекување на тие т.н. младински категории публика. Се обидуваме.

Вашиот театар е добитник на голем број награди и меѓународни признанија, што е доказ за вашиот квалитет. Дали сте задоволни од финансиската поддршка на Министерството за култура?
– Да, добитници сме на голем број награди и признанија од кои дури 11 гран при награди на меѓународни фестивали за деца. Тоа ни е доволна причина да веруваме дека сме добри и дека нѐ ценат во регионот и пошироко во Европа. Финансиската поддршка, секако, ако е поголема ќе биде добредојдена, но и вака се снаоѓаме.

Во ова неизвесно време, дали Театарот за деца и младинци гради планови за идни проекти и кои се тие?
– Се разбира, јас сум голем оптимист, човек што ги сака радоста, работата и гостувањата на фестивали, така што секако дека градиме планови. Штом ќе се средат работите со пандемијата, ќе ја извадиме премиерата на младинската претстава за врсничкото насилство, насловена „Кој е Силеџија“, а во почетна фаза на подготовка ни беше првпат во нашиот театар и во нашата држава, претстава за бебиња. Нешто што е многу актуелно во регионот и пошироко во Европа.