Детскиот свет ми е поблизок, сакам што подолго да останам во него

1968

Во светот на возрасните е презагадено во секоја смисла. Детската чистина, како што растеме, почнува да се претвора во депонија. Во куќа со новороденче мириса на љубов, а во просторија со возрасни смрди на лицемерство, вели уметникот Ване Костуранов по повод излегувањето од печат на неговата прва сликовница, чија промоција е закажана за 18 април

Ѕвездан е дете што живее меѓу ѕвездите. А кога живееш меѓу ѕвездите, животот ти е исполнет со нив. Ѕвездан е вистински мајстор за ѕвезди: ги поправа кога ќе престанат да светат, пловејќи меѓу нив со своето бротче. Исплашен од помислата некоја ѕвезда да не падне, Ѕвездан доаѓа до едно големо откритие, кое понатаму ќе го одведе до нешто сосема, сосема неочекувано… „Ѕвездено дете“ е нежна ѕвездена приказна за желбите, стравовите, осаменоста и љубовта. Ова е сижето на сликовницата што ја потпишува уметникот Ване Костуранов, кој својата креативност реши да ја спакува во сосема ново издание, меѓу тврди корици со ѕвездени илустрации и мала доза проза. Ова е прва негова сликовница чија промоција е закажана за 18 април, а моментално е достапна во „Литература.мк“. Последна изложба на струмичкиот сликар Ване Костуранов беше „Скршнувања“ во Галеријата на МКЦ во Скопје, кога повторно покажа дека е магнет за публиката, која вели дека го сака поради искрената емоција. Важи за еден од најдобро продаваните сликари на својата генерација. Препознатлив е по својот колорит и по мотивите како куќи и деца во техника акрил на платно. Тој е самоук сликар. Почнал да слика куќи, кои се негов заштитен знак, кога почнеле да ја градат нивната семејна куќа со сопругата во Струмица, а деца црта откако му се родиле децата. Ване Костуранов, роден во 1979 година во Струмица, активно се занимава со сликарство петнаесетина години. Учествувал на повеќе групни изложби, а одржал и девет самостојни. Уште како дете повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики отколку со зборови. По неброени слики, илустрации, мурали, честитки… решивте да се потпишете и на сликовница.

Што ве иницира своите илустрации и креативни мисли да ги спакувате меѓу корица?

– Детска сликовница ми е дамнешен сон, уште кога го добивме првото дете, Ава. Таа уживаше да ѝ читаме, па почнавме да купуваме многу детска литература. Се одушевив од откритието на сликовниците за деца, особено од книгите од странски автори, кои ги купувавме преку Интернет. Од друга страна, сфатив колку малку квалитетна македонска литература за деца имаме ние, особено современа. Почувствував потреба да дадам свој придонес во тоа поле. По осум години се наредија ѕвездите и, еве, конечно си ја остварив желбата.

Што раскажува „Ѕвезденото дете“? Какви пораки ќе им вреже во сеќавањата на децата и на возрасните?

– „Sвездено дете“ зборува за повеќе комплицирани теми на еден многу едноставен начин. Но примарно зборува за тоа како грижејќи се за другите најдобро се грижиме за себе. Впрочем, така функционира и сѐ во природата, ништо не постои само за себе. „Ѕвездено дете“ е нежна приказна за желбите, осаменоста и љубовта. Кој лик го оживеавте, кое е ѕвезденото дете, какви особини му дадовте? – Главниот лик се вика Sвездан, тој е едно сосема обично момче, но неговиот живот е малку необичен. Тој е многу грижливо и одлучно дете, кое има една важна мисија. Текот на настаните ќе го доведат до едно важно откритие, а тоа понатаму ќе го одведе до нешто сосема неочекувано.

Светот на возрасните е тапа… Што сака да каже реченицава?

– Во светот на возрасните е презагадено во секоја смисла. Детската чистина, како што растеме, почнува да се претвора во депонија. Во куќа со новороденче мириса на љубов, а во просторија со возрасни смрди на лицемерство. Во детскиот свет не постојат граници, а во светот на возрасните за нив се водат војни. Им се восхитувам на детската наивност и слобода и на отсуството на какви било предрасуди. Меѓусебно се разбираат со насмевки, без да си проговорат, а ние возрасните ни на сто јазици не можеме да се разбереме. Заробени во секојдневието, забораваме да се љубиме, да си играме, да се радуваме. Бескрајно сум им благодарен на моите деца, кои секојдневно ме потсетуваат за најважните работи во животот.

Што најсилно ве инспирира дури ја креиравте „Ѕвезденото дете“? Какви мисли ви се вртеа во главата?

– Сакав да раскажам една приказна што, всушност, е инспирирана од една игра на син ми, Максим, која е безвременска и во која ќе може да се препознаат многу деца, но и возрасни.

Да се работи за најкревката публика верувам дека е деликатно. Што ви беше клучно во создавањето на сликовницата? Кон кои наравоученија целите?

– Најголемиот предизвик е да го напуштите светот на возрасните и да зачекорите во детскиот свет. За среќа, тоа мене не ми е непознато, бидејќи често го правам и преку сликарството. Но создавајќи ја сликовницата, како подлабоко да зачекорив во тој свет и тоа што можев да откријам таму беше неверојатно, се почувствував како дома. Има повеќе пораки во сликовницата, но онаа најважната е дека љубовта и топлината што можеме да си ги размениме ние луѓето создаваат чуда.

Следни предизвици, кон што тежнеете и дали имате теми, карактери, ликови што чекаат на ред во вашите мисли да добијат слика?

– Детскиот свет го чувствувам поблизок и тежнеам што подолго да останам овде.