Десет најзначајни уметници на деценијата што заврши

273
Марина Абрамовиќ

Аи Вејвеј (1957 г., Пекинг), живее и работи во Берлин. Проектот што го вивна кон небото на славата беше инсталацијата од 100 милиони рачно направени порцелански сончогледови семки – сликовита, интерактивна и атрактивна метафора на светскиот капитализам (2010). Веќе следната година беше притворен од полицијата во траење од 81 ден, наводно, поради сомнение за затајување данок. Многу е поверојатно дека неговите проекти, кои често претставуваа отворена критика за кинеската влада и нејзините политики, направија од него цел за закани од страна на властите. Во последно време, неговото внимание е свртено кон бегалската криза, на чија тема креираше огромни инсталации и еден долгометражен документарец.

Марина Абрамовиќ (1946 г., Белград), живее и работи во Њујорк. Ја започна декадата со својата историска ретроспектива во „МоМА“ во Њујорк, насловена „Уметникот е присутен“ (2010). Изложбата прикажа педесетина дела од нејзината речиси петдецениска кариера, а 750.000 посетители беа сведоци на една дотогаш невидена уметничка ревија. По огромниот успех на изложбата, уметницата го основа институтот со нејзино име, каде што учесниците се обучуваат на методот на истрајност. Иако идејата за њујоршко седиште на институтот не се оствари во целост, таа продолжи со низа нови дела, вклучувајќи ги и големите проекти во лондонската галерија „Серпентина“ и галеријата „Арсенал“, лоцирана на Петтата авенија во Њујорк.

Кара Вокер (1969 г., Стоктон, Калифорнија), живее и работи во Њујорк. Во првата декада од овој век, Вокер направи силен пробив со своите насилни и гротескни силуети што ги прикажуваат предвоениот разврат и варварство на американската популација, притоа добивајќи бурни аплаузи од публиката и критиката. Нејзиниот проект од 2014 година ја наполни поранешната фабрика за шеќер во Бруклин со скулптури базирани на расистички стереотипи, меѓу кои се истакнува огромна креација, која прикажува афроамериканска жена во форма на сфинга, прелиена со шеќер. Со своите монументални пропорции и пренагласени сексуални делови од телото, ова дело е дефинитивно најголемата уметничка провокација што Вокер ја има понудено пред јавноста.

Кармен Херера (1915 г., Хавана) живее и работи во Њујорк. Последнава декада конечно ѝ го донесе долгоочекуваното признание за нејзините беспрекорни, минималистички слики. Откако во 2004 г. прочуената колекционерка Ела Фонтаналс-Киснерос купи едно од нејзините авторски дела, за Херера се заинтересираа и други големи покровители на уметноста и институции. Во март годинава, една од нејзините слики со геометриски форми, наречена „Бело и зелено“, постигна рекордна цена (2,9 милиони долари) за време на добротворна аукција во Њујорк. На 104-годишна возраст, Херера продолжува да креира со извонредна енергија и посветеност, инспирирајќи ги така сите уметници, без разлика на нивната возраст.

Јајои Кусама (1929 г.,во Матсумото) живее и работи во Токио. Кусама е радикална феминистка во светот на уметноста. Нејзините „Соби со бесконечни огледала“, импресивни комори во кои преку играта на безбројни светилки и огледала се создава илузија на вонвременско постоење, последнава деценија станаа апотеоза на уметноста постирана на социјалните медиуми. Овие прекрасни уметнички дела им овозможуваат на гледачите да влезат во мала просторија прекриена со огледала. Петте најголеми успеси на аукциите за оваа контроверзна уметница се случија последнава деценија. Најпозната е секако нејзината монохроматска слика „Мрежа на бесконечноста“ (1959), која во април годинава беше продадена за дури 7,9 милиони долари.

Кери Џејмс Маршал (1955 г., Бирмингем), живее и работи во Чикаго. Поставувајќи ја црната фигура на централно место во своите прекрасни слики и портрети, овој уметник маестрално го пополни отсуството на глобални црнечки автори и теми. Намерата на Маршал да ги промени перцепциите за раса и убавина во текот на последнава деценија му обезбеди присуство во некои од најпрестижните светски музеи, а интересот за неговите дела постојано се зголемува. Во 2018 година, тој стана најскапиот жив афроамерикански сликар, откако раперот Паф Диди ја купи неговата слика „Минати времиња“ за неверојатни 21,1 милион долари.

Занеле Мухоли (1972 г., Умлази, Јужна Африка), живее и работи во Јоханесбург. Во декадава што изминува, Занеле Мухоли со свој личен пример ја промовираше улогата на фотографот како визуелен активист. Изложбата од 2015 година во музејот „Бруклин“ го сврте вниманието со многуте ликови од колекцијата „Лица и фази“ (2006-2014), која претставуваше хроника на ЛГБТ-заедницата од нејзината татковина, Јужна Африка. Нејзините фотографии се богати со симболизам што ги објаснува културното наследство и личната меморија. Нејзините дела се сѐ поприсутни на аукциите, постигнувајќи притоа астрономски цени. Но, пред сѐ, таа нуди еден нов имиџ на нескротлива, црна хомосексуална фотографка, која живее и твори во досега најексплозивниот период на црнечка креативност во уметноста и современата фотографија.

Џеф Кунс (1955 г., Јорк), живее и работи во Њујорк. Последнава декада изгледаше како тобоган на славата за Кунс, кога тој отпрвин ја изгуби, а потоа набргу ја поврати титулата на најскапо продаван жив уметник на денешнината. Во 2013 г., неговата скулптура на куче направено од портокалови балони беше продадена од аукциската куќа „Кристи“ за фантастични 58,4 милиони долари. Титулата најскап уметник му беше накратко одземена од Дејвид Хокни, но во мај 2019 неговиот челичен зајак повторно го врати на врвот со рекордната аукциска продажба за неверојатни 91 милион долари. Кунс соработува со големи светски имиња од шоу-бизнисот како Лејди Гага, додека колекционерите се натпреваруваат да дојдат до неговите креации.

Бенкси (1947 г., Јејт, Обединетото Кралство) живее и работи во својата држава. Анонимниот светски уметнички провокатор ги помина последниве 10 години работејќи тајно на сѐ поамбициозни проекти, осмислени и реализирани до најситни детали. Шеговитиот документарец од 2010 г., „Излез преку продавницата за подароци“, беше номиниран за „оскар“. Овој уметник го шокираше пазарот на уметност, откако една од неговите слики се самоуништи веднаш по нејзината продажба (2018). Неговиот проект од 2015 г., наречен „Дизмаленд“, дистописки забавен парк, содржеше голем број впечатливи дела од речиси 60 уметници. Делото „Дееволуиран парламент“, на кое британските политичари се прикажани како шимпанза, годинава достигна неверојатна цена од 12,1 милиони долари на аукцијата на „Сотби“.

В.Б.Н.