Денот на музеите ќе се одбележува со изложба на уметник од регионот

693

Оваа година ова празнување го почнуваме со изложба на познатиот графичар Фатмир Крипа од Косово, велат од ИКОН. Изборот на овој уметник не е случаен, тој е мајстор на графиката и работи во една од најсложените графички техники – акватинта

Изложба на графичарот Фамир Крипа од Косово, со наслов „Во потрага по косовската симфонична метафора“, е отворена во Музејот на градот Скопје. Организатор е Асоцијацијата за култура ИКОН, а изложбата е во рамките на обележувањето на Меѓународниот ден на музеите, поддржана од градот Скопје.
– Најдобар подарок за секое музејско празнување е презентирање на една ниска од ликовни творби што зрачат со убавина и духовна светлина. Затоа, Асоцијацијата за култура ИКОН на градоначалникот на градот Скопје му предложи проект за одбележување на празникот 18 Мај – Меѓународен ден на музеите. Проектот предлага отворање изложба на еден од уметниците од нашето опкружување. Оваа година ова празнување го почнуваме со изложба на познатиот графичар Фатмир Крипа од Косово – велат од ИКОН.

Изборот на овој уметник не е случаен, тој е мајстор на графиката и работи во една од најсложените графички техники – акватинта. Тоа е техника на длабок печат со традиција од18 век. Во време кога дигиталните техники се стремат да ја истиснат класичната графика, една ваква изложба е вистински празник за очите и душата.
– Покрај низата самостојни изложби, награди и признанија, кога говориме за Фатмир Крипа не може да не се спомене неговата педагошка дејност. Тој како професор на Академијата за ликовни уметности во Приштина има едуцирано низа млади уметници во неговата класа, кои денес се успешни ликовни творци, познати не само во Косово. Асоцијацијата за култура ИКОН му се заблагодарува на Музејот на градот Скопје за можноста оваа изложба да биде презентирана во неговиот изложбен простор, со надеж дека овој проект и во иднина ќе биде реализиран со заедничка соработка. Посебна благодарност до градот Скопје, кој го препозна неговото значење и ја поддржа неговата реализација и, секако, особена благодарност на авторот Фатмир Крипа, за прекрасната изложба – велат организаторите.

Фатмир Крипа ја завршил Академијата за применети уметности во Белград во 1968 година, а постдипломските студии за графика ги завршил во Академијата за ликовни уметности во Загреб во 1978 година. Во 1987-1989 година бил декан, а во периодот 1997-2000 година директор на постдипломски студии на Факултетот за уметности во Приштина.
Неговите дела се наоѓаат во Народниот музеј во Белград, Музејот на современа уметност во Скопје, Музејот на уметноста во Подгорица, во Американскиот конгрес, Амбасадата на САД во Скопје и во разни универзитети во светот. Член е на Здружението на ликовните уметници на Косово од 1973 година.