Денеска, во Истра, Горан Стефановски требаше да зборува за македонската литература

690

Пулскиот саем на книгата изразува длабоко сочувство до семејството и пријателите, но и до сите култури во кои Стефановски беше важен, почнувајќи од македонската – бидејќи големите уметници им припаѓаат на сите, од оние од кои потекнуваат до оние што ги препознаваат – а такви личности има малку. Некои загуби се ненадоместливи. Токму такво е и заминувањето на Горан Стефановски, стои во соопштението што вчера го упатија организаторите на саемот

Според последната најава во медиумите, нашиот голем драмски писател Горан Стефановски, кој на голема жалост почина завчера, требаше да ја предводи регионалната програма „Македонија чита“ на Саемот на книга во Истра, кој почнува денеска и ќе трае до 9 декември. На саемот Македонија и македонската современа литература ќе бидат во фокусот, а нашиот драматург беше најавен како главен гостин.
За драмскиот писател од светски глас, чии драми се изведуваат на сцените во светот, неодамна хрватскиот весник „Глас Истре“ напиша дека неговото гостување на Пулскиот саем ќе се памети по премиерното претставување на неговата книга „Одисеј и други драми“, публикувана од Хрватската универзитетска издавачка куќа, што е прв воопшто превод на овој истакнат автор.

Во Пула ќе се претстават македонските автори: Румена Бужаровска, Никола Маџиров, Лидија Димковска, Роберт Алаѓозовски, Елизабета Шелева, Артан Садику, Владимир Јанковски, Љуљзим Хазири, но, за жал, името на големиот уметник ќе биде изоставено од програмата.

– Радоста на исчекувањето да го угостиме Горан Стефановски ја замени тагата поради неговото прерано заминување. Горан денеска требаше да допатува во Пула, на Саемот на книгата во Истра, каде што со него планиравме да ја промовираме книгата „Одисеј и други драми“, првата книга од овој жанр на хрватски јазик, приредена и печатена ексклузивно за саемот, чиј регионален партнер е татковината на Горан Стефановски – Македонија. Саемот на книгата во Истра изразува длабоко сочувство до семејството и пријателите, но и до сите култури во кои Стефановски беше важен, почнувајќи од македонската – бидејќи големите уметници им припаѓаат на сите, од оние од кои потекнуваат до оние што ги препознаваат – а такви личности има малку. Некои загуби се ненадоместливи. Токму такво е и заминувањето на Горан Стефановски – стои во соопштението што вчера го упатија организаторите на Пулскиот саем на книгата.
Горан Стефановски, еден од најпознатите македонски драмски автори, почина на возраст од 66 години, по кратко, но тешко боледување. Последните години од својот живот ги помина во Велика Британија, во близината на Лондон, од каде што вечерва стигна и веста за неговата смрт.

Горан Стефановски е еден од најплодните и најпознати драмски автори, не само во Македонија туку и пошироко во регионот. Неговите незаборавни драмски текстови се играат на сцени и низ Европа. Зад него остануваат антологиските,,Диво месо“,,,Тетовирани души“,,,Дупло дно“,,,Лет во место“ и многу други.

Роден е на 27 април 1952 година во Битола. Филозофски факултет завршил во Скопје, а студирал драматургија на Академија за драмски уметности во Белград. Кариерата ја започнал во Телевизија Скопје, бил асистент на скопскиот Филолошки факултет, професор по драматургија на Драмски во Скопје, член на македонскиот ПЕН-центар, на Друштвото на писатели, а од 2004 година член на МАНУ. 


Последното интервју на големиот драмски писател

Којзнае што би правел ако се родам повторно, ама посакајте ми среќа!

Иако важеше за човек што баш и не ја милува формата на интервју, па и ретки беа шансите да се прочита разговор со него во печатените медиуми, сепак, на своето последно гостување во Белград, во јули годинава, големиот драмски писател Горан Стефановски за српски „Блиц“ даде кратко интервју откако одржа импресивно предавање во согласност со темата на собирот „Театар и миграција – театарот на нацијата идентитет помеѓу миграцијата и неподвижноста“. Тој беше гостин на свеченото отворање на Светскиот конгрес на Меѓународната федерација за театарски истражувања, кој се одржа во Народниот театар во Белград.

Со какво чувство дојдовте на собирот, како го подготвувате обраќањето?
– Со чувство дека сум квалификуван за темата. Бидејќи веќе долги години вежбам. Пишував со уживање и внатрешен ангажман, бидејќи ова место е многу логично за ваков собир и тема. А што се однесува до мене, толку драми имам напишано на оваа тема.

Мирно живеевте во Скопје до распадот на Југославија, а потоа војната со разни стравотии го направи своето, се преселивте во Лондон…
– Студирав англистика, и тогаш во Скопје многу ме интересираше другоста. Одлично знаев англиски и пред да ја запознаам сопругата. Меѓутоа, она што е важно, што беше автентично можно – живеев во Скопје со жена Англичанка сосема нормално. Спиејќи во Скопје, бевме граѓани на светот. Се чувствувавме суверено. Па, луѓето одеа во Лондон да купуваат плочи, и тоа беше најнормално. Така живеевме. Ја изгубивме таа можност. Ние, всушност, ја имавме Европската Унија, така и се однесувавме.

Еден од трогателните моменти во текот на предавањето беше и кога зборувавте за преселбата на птиците…
– Уште на училиште учевме дека птиците се селат од југ на север, а потоа се враќаат. Се разбира, соодветно на годишната доба. И никогаш не сме се запрашале себеси каде им е куќата. Јагулите од Охридско Езеро патуваат во Сарагаско Море, 10.000 километри. Во животот на многу животни миграциите се природна работа. И за генерацијата на мојот дедо печалбата била како челичење на мускулите.

Во современиот миг клучен момент е всушност економскиот, обичните луѓе имаат проблеми со документите. Што мислите за тоа?
– Милиони луѓе од средната класа во Англија имаат уште по една куќа на југот на Франција. И нема контроверзии ниту проблем со идентитетот. Ако имаш пари, можеш да живееш секаде како дома. Маката на печалбата произлегува од сиромаштијата.

Што ќе правиме ние со нашата сиромаштија?
– Не знам, но тоа е многу сериозно.

Рековте дека визниот режим е криминален. Што мислите со тоа?
– Начинот на кој се очекува од луѓето во Македонија да земат визи за Англија е криминален и скандалозен. Почнувајќи од тоа дека пасошите мораат да ги испраќаат во Полска, па натаму.

Последното прашање инспирирано од предавањето е: А, кога повторно би се родиле?
– Би правел претстави базирани на ритуалите од секојдневниот живот. Мојата баба имала свадба од три дена. Би сакал да направам таква претстава. Моите студенти во Шведска направија петминутен филм од дванаесетчасовен материјал во кој снимаа од моментот кога почнуваат да пијат пиво до целосно пијанство. Којзнае што би правел ако се родам повторно, ама посакајте ми среќа.


Венко Андоновски

ДРАМАТУРШКА ГРЕШКА
На Горан Стефановски

Ноќва, електроните се
вртат обратно,
а времето тече како
дидаскалија
во драмите на
Тенеси Вилијамс:
синкопирано, аритмично, бавно.
Тече времето како река
од утоката кон изворот.
Сè е обратно, како во
огледало,
и сè се враќа на свое место,
оти сè се израмнува со себе.

Кај си тргнал бе така,
Горане,
распојасан ко Задрогаз,
кај си тргнал гол, без тело,
без сенка, со диво месо во грлото,
со нова, совршена драма под рака,
и што ти треба тоа,
совршениот режисер да
го бараш таму
зар малку ти беа и Унко
и Љубиша
и Дебелото и Ацо овде.

И што се насмевнуваш така,
како да сакаш да кажеш
дека сето ова овде не било
ништо друго освен една обична
драматуршка грешка,
фелер во заплет,
во кој ние остануваме,
а ти не сакаш повеќе?

Кај се видело бре, Горане, добра драма
во која главните си одат
во дидаскалија
а споредните остануваат без реплики?

Кај си тргнал бе пријателе, така сам,
гол и без тело, и што ти
треба сето ова?

А ти само се смешкаш со онаа твоја насмевка
на најрелигиозен скептик,
како сега да сме излегле од муабет,
од „Кај бате“ со Ферид и Цветан,
и како да си фаќаме секој свој пат
и ми се чини, или стварно велиш:

„Дома, каде на секој добар мајстор
и чесен човек му е местото“.

28 ноември, по полноќ