Дела од македонски композитори за крај на музичката програма на „Охридско лето“

42

Концертот се одржа по повод јубилејот од раѓањето на Ристо Аврамовски, Драгослав Ортаков и Стојан Стојков

Врвните членови на македонската културна сцена и членови на Сојузот на музички уметници на Македонија завчеравечер, во рамките на фестивалот „Охридско лето“, одржаа целовечерен концерт на домашна музика. Во црквата „Света Софија“ настапија баритонот Горан Начевски, пијанистите Јасна Аврамовска и Тодор Светиев, како и обоистот Васил Атанасов, заедно со Скопскиот дувачки квинтет, во кој, покрај Атанасов, членуваат и флејтистката Марија Јаќимовска, кларинетистот Ристо Ѓоревски, Даниел Апостолов на фагот и Александар Гошев на хорна.

Познатиот обоист Васил Атанасов рече дека заедно со колегите вложиле голем труд за настапот, но, како што додаде, не жалат затоа што имаше доста публика што уживаше во грандиозните дела на големите композитори Аврамовски, Ортаков и Стојков. Според него, постојат многу македонски дела со кои македонските исполнители се претставуваат себеси и државата низ целиот свет.

– Има многу македонски дела со кои ние уметниците можеме да настапуваме низ светот. Јас секогаш апелирам до композиторите што се од помлада генерација што следи Интернет повеќе да се посветат на македонските теми – рече Атанасов.
Меѓу уметниците што настапија беше и ќерката на познатиот композитор Ристо Аврамовски, пијанистката Јасна Аврамовска. Концертот се одржа по повод јубилејот од раѓањето на македонските уметници Ристо Аврамовски, Драгослав Ортаков и Стојан Стојков. A.Р.