Девет македонски уметници изложуваат виртуелно

111

Во секоја одделна театарска приказна тие ни ги отстапуваат своите креативни визуализации и ни овозможуваат материјализација на фантазијата, велат, меѓу другото, кураторите Јасминка Намичева и Игор Таневски

„Портали 2020“ е насловот на изложбата, која на 21 март требаше да биде отворена во Музејот на Град Скопје за почеток на манифестацијата „Европски ден за уметничка креативност“, каде што требаше да бидат претставени досегашните опуси на девет уметници: Ангеловска Илина, Андонова Наташа, Ветероска Марија, Гоља Инес, Деари Енез, Ефтимов Никола, Пупучевска Марија, Розе Трајческа Ристовска и Сергеј Светозарев, чии костимографски и сценографски дела биле дел од голем број театарски и филмски проекти. Изложбата, чии куратори се Игор Таневски и Јасминка Намичева, поради пандемијата на коронавирусот, за жал, во овој период може да се види само виртуелно, на музејската фејсбук-страница и на страницата на кураторите.

– Секој од овие уметници има уникатен креативен израз, темелен врз опсежни анализи и многуслојно знаење на историјата на уметноста, архитектурата, етнологијата, магијата на илузијата и играта со светлината, алхемијата на земското и вонземското. Во секоја одделна театарска приказна тие ни ги отстапуваат своите креативни визуализации и ни овозможуваат материјализација на фантазијата – велат, меѓу другото, кураторите Јасминка Намичева и Игор Таневски.
„Портали“ е дел од проектот „КреАрт“, кој годинава под наслов „Сѐ ќе биде во ред“, го реализира Музејот на Град Скопје во соработка со „КреАрт“ (Мрежа на градови за уметничко творештво), која ја чинат повеќе европски градови меѓу кои и Скопје од 2017 година, како и јавни и приватни културни институции.

Во негови рамки, виртуелнo е најавена и уште една изложба, која на 25 март требаше да биде отворена во истиот музеј. Станува збор за „Гоблени“, прва самостојна изложба на младиот визуелен уметник Филип Ивановски-Пепе. Вториот нејзин дел, видеодокументација на аудиовизуелниот проект на колективот „Вакс презервејшн сосајати“ беше планирано да биде реализиран на 5 април, во скопската Ботаничка градина.
– Но трпеливо, по надминување на глобалната ситуација, здрави пред сѐ, со ентузијазам ќе го најавиме нејзиното отворање. Нема виртуелно да ви ги прикажеме визуелните содржини, бидејќи сметаме дека делата треба да се искусат во живо, тет-а-тет во просторот. До скоро – стои во најавата за „Гоблени“ на кураторот Игор Таневски.
Филип Ивановски-Пепе е млад визуелен уметник роден во 1993 година во Скопје. Студиите по вајарство со сценографија ги завршил на Факултетот за ликовни уметности, а по дипломирањето работел на сценографии во Македонскиот народен театар и учествувал на групни изложби. Од 2018 година започнал да развива дела преку испреплетување пластични ленти сечени најчесто од зелени пластични шишиња со кои градел површини и текстури. Истиот пристап го применил и со алуминиумски ленти, додека во комбинација со цемент, моделиран стиродур, обработен гипс, сликани објекти и др. Ивановски создава 7 етапи под насловот „Гоблени“.

– Иако во Музејот на Град Скопје, подготовките за изложбите и настаните за „КреАрт“, се одвиваа во текот на неколку претходни месеци, веќе кон крајот на февруари сфативме дека на 21 март ќе немаме можност да ја го почнеме манифестацијата, одбележувањето на „Европскиот ден на уметничката креативност – КреАрт“. Сепак, продолживме да работиме со вообичаено „предизложбено“ темпо, што значеше безмалку деноноќна работа во музејот. Веќе на 10 март беше извесна општо присутната психоза на приоритет на информациите околу новонастанатата ситуација со почетокот на периодот за изолација на граѓаните. Од 14 март на мојот ФБ-профил започнав со пост каде што почнав онлајн да објавувам материјали од веќе одминати изложби што сум ги подготвувала во Музејот на Град Скопје, но упатив и повик до моите колеги да го сторат истото тоа – вели Јасминка Намичева, која постирањето во овие услови го започна со дел од реализираната изложба „Полски плакат“ и континуирано ги презентира планираните активности од „КреАрт“ за годинава.

Се приклучи централниот портал на „КреАрт“ со што проектите добија поголема видливост. Главната изложба на „КреАрт“, според планот, треба да биде реализирана до крајот на 2020 година во Авеиро (Португалија), Џенова (Италија) и во Скопје.