Две проекции на „Тајните архиви на Скопје“ во „Котур“

128

Видеоколажот „Тајните архиви на Скопје“, кој беше прикажуван во Кинотека и „Кино култура“, ќе има уште две проекции кои се закажани на 13 и 16 декември од 20 часот во „Котур“ во Скопје.

Носител на проектот „Тајните архиви на Скопје“ е НУФЦ „Вардар филм“, кој има за цел зачувување и афирмација на материјалното и духовното современо културно наследство на градот Скопје. Покрај зачувување на овие материјали како културно богатство на градот, проектот има за цел да им се претстави и доближи на младите генерации Скопје од пред неколку децении.

– Едно Скопје полно љубов, едно мирно Скопје кое во исто време во себе го содржи целиот жагор на скопјани. Целта не е само визуелно, преку снимки, да им го претставиме градот на новите генерации, туку и на емотивно ниво да го разберат животот на скопјани. Проектот е инициран, конципиран и координиран од Катерина Габунија, дигитализацијата и дигиталната обработка се на Александар Трајковски, обработката на тон е на Сашко Потер Мицевски, а гласот на Дарко Ристовски – велат од „Вардар филм“.

За колажот од видеа, селектирани се материјали од десетина семејства. Материјалите се од различен тип: родендени, свадби, прошетки, излети во и околината на Скопје. Во нив се бараше белегот на градот, На-ма, Кермес, Дебар Маало со куќички, плоштадот со калдрма итн. Личната приказна на авторката Катерина Габунија, нејзиното детство и тоа што претставува овој град и начин на живеење за неа е надополнет со приказните од снимките.

Колажот од видеа креира всушност лична, емотивна приказна за Скопје и скопјани, раскажана низ четирите годишни времиња. Идејата на проектот е да не се влијае дополнително на материјалите, ниту, пак, да се врши измена во монтажата; туку да се прикажат истите во реално светло, онака како што неколку децении наназад биле првично монтирани и режирани од самите протагонисти.

Како дел од проектот „Тајните филмски архиви на градот“ во „Котур“ ќе бидат изложени 54 фотографии од 70-тите до 90-тите години од домашните архиви на скопјани, добиени по пат на јавен повик. Изложбата ќе добие и интерактивен карактер, фотографирајќи ги протагонистите пред самите фотографии.

„Тајните архиви на Скопје“ е проект подржан од Град Скопје во соработка со Кинотека.