Гудачкиот квартет „Асасело“ музицираше на „Охридско лето“

26

Вечерен концерт со музика за гудачки инструменти приреди гудачкиот квартет „Асасело“ од Германија синоќа на фестивалот „Охридско лето“. Младите уметници, виолинистите Ростислав Кожевников, Барбара Штрајл, челистката Јустина Шлива и Тееми Мјоханен на чело, со својата изведба на одбраните композиции ја воодушевија публиката во црквата „Света Софија“.

– Вечерта ја започнавме со музиката од Бетовен, потоа ја отсвиривме Дисонансата на Моцарт. Тие се едни од најлесните, но многу убави композиции, и на крајот свиревме музика од Шуберт. Ние како гудачки квартет настапуваме постојано заедно. Го основавме во Келн и следната година ќе одбележиме 20 години од нашето постоење што значи дека работиме прилично долго време. Имаме план по нашиот концерт на фестивалот „Охридско лето“ да настапиме на концерт за германски композитори. Потоа ќе гостуваме на Музичкиот фестивал во Турку, Финска, каде што се собираат многу познати уметници, а потоа ќе имаме изведба на програма со унгарски дела. Исто така планираме и соработка со танчери, како и обработка на современа музика, изјави виолинистката Барбара Штрајл.

Значајни настапи за квартетот „Асасело“ се концертното деби на сцената на филхармонијата во Келн, 2017 година, како и нивната соработка со Ричард Сигал и Стефани Тирш на проекти со танц како на пример: „Бронза од Злато“ која ја изведуваат на Фестивалот посветен на Бетовен во Бон. Преку различни награди и спонзорства, квартетот успева да развива проекти и да создава музички пријателства со бројни уметници меѓу кои: Кристоф Дежардин (Париз), Хаим Тауб (Тел Авив), Јурген Геизе (Салцбург) и Дејвид Алберман (Лондон). Ансамблот добива значајно уметничко водство работејќи заедно со некои од најзначајните композитори на нашето време: Томас Адес, Александра Грука, Михаел Џарел, Хелмут Лахенман, Хајнц Марти, Сергеј Невски, Матијас Пинчер, Волфганг Рим, Каја Саријахо и др. Во 2016 година квартетот ги сними сите квартети на Арнолд Шенберг со сопранот Ева Реш за издавачката куќа Џенуин (Genuin). Во текот на оваа 2019 година ќе го изведат целиот циклус квартети на Шенберг во Келн, а се враќаат и на „Бетовенфест“ во Бон со нов танцов проект од Стефани Тирш.