Грција бара ослободување на нејзините статуи од „мрачниот затвор“

163

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос побара од Велика Британија да ги „ослободи и врати“ мермерните статуи од Акропол од нивниот „мрачен затвор“. Станува збор за колекција од класични грчки статуи направени од уметникот Фидијас и неговите помошници, кои некогаш биле дел од знаменитиот антички споменик во Атина, Акропол, а сега се наоѓаат во Британскиот музеј, пренесува „Ројтерс“. 

Спорот за враќањето на статуите во Грција трае речиси 200 години. Павлопулос, пред поддржувачите на кампањата за враќање на статуите, изјави дека спомениците кои биле земени од страна на британскиот дипломат сер Томас Брус во раните години на деветнаесеттиот век, ќе бидат вратени во музејот на Акропол.

– Нека дојдат претставници од Британскиот музеј и нека направат споредба со Акропол, кој е музеј на светлината, додека нивниот мрачен музеј, кој наликува на затвор, каде што мермерните статуи се чувани како трофеи – изјави Павлополус.


Грција засега не доби одговор од Британскиот музеј. Лордот Брус ги земал мермерните скулптури стари 2.500 години од Акропол во време кога Грција била под Османлиска власт. Откако ја доби својата независност во 1832 година, Грција неколкупати бараше скулптурите да бидат вратени, а кампањата беше покрената во 2009 година, откако го отворија музејот на Акропол.

Британскиот музеј одби да ги врати мермерните статуи, образложувајќи дека сер Брус ги стекнал по легален пат од страна на Отоманската империја. Музејот и други британски институции исто така се спротиставија на кампањите за репатријација, цитирајќи закони што ги спречуваат да ги растурат колекциите. Тие тврдат дека можат да ги зачуваат уметничките дела и да ги претставуваат на интернационална публика.