„Грац се среќава со Скопје“ ги отвора „Деновите на македонската музика“

179

По претставувањето во Грац на 4 април, реномираниот австриски ансамбл ќе ги презентира возбудливите текови и убавината на денешната современа музика и на „Деновите на македонската музика“

Четириесет и вторите „Денови на македонската музика“ свечено се отвораат вечерва, во 20 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија, со концерт на ансамблот „Цајтфлус“ од Австрија, кој ќе се одржи под диригентската палка на Еди Мичиќ. На програмата на концертот, насловен „Грац се среќава со Скопје“, се дела на композитори од Австрија, Грција и од Израел, меѓу кои дела од авторите: Беат Фурер, Зив Којокару, Даниел Мозер, Ферд Кир, Орестис Туфекцис, како и од македонските автори Јана Андреевска и Панде Шахов, чие камерно дело „Лебдечка патека“ ќе ја доживее својата светска премиера.

По претставувањето во Грац на 4 април, реномираниот австриски ансамбл ќе ги презентира возбудливите текови и убавината на денешната современа музика и на „Деновите на македонската музика“.

Едо Мичиќ е роден во Задар, Хрватска. Студирал музичка теорија и педагогија на Загрепската музичка академија. Во 1988 година се запишал на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, на студии по диригирање кај Милан Хорват и Марин Турновски. Во овој период посетувал неколку мајсторски курсеви, меѓу другото и со Хајнц Регнер во Вајмар. Дипломирал во 1993 година. Од 1993 до 1997 година Мичиќ работел со повеќе хорови и вокални ансамбли, фокусирајќи се на духовната и црковната вокална музика. Диригирал голем број миси од Хајдн, Моцарт и Шуберт. Следните години диригирал со оркестри како Симфонискиот оркестар на Дубровник, Симфонискиот оркестар на Хрватската радио-телевизија, Сараевската филхармонија и оркестарот „Савариа“ од Сомбатхеј, на концерти и на турнеи во тие земји и во странство. Од 1995 година Мичиќ предава на Универзитетот во Грац, истовремено диригирајќи и со универзитетскиот ансамбл за нова музика.

Уште од своето основање во 2003 година, ансамблот „Цајтфлус“ се востановил како високоценет ансамбл за нова музика. Јадрото музичари од Грац имаат за цел да го разоткриваат фасцинантниот развој на современата музика и нејзината убавина, која за поголемиот дел од публиката е скриена, да ја направи слушлива. Ансамблот се истакнува и со изведби на дела од 20 век, кои се инаку ретко изведувани покрај делата на современите композитори. Членови на ансамблот на вечерашниот концерт се: Елена Габриели – флејта, Јоханес Фојхтер – кларинети, Клеменс Фриштик – саксофони, Ласло Худачек – перкусии, Цугами Ширакура – пијано, Петер Мосорјак – виолина, Даниел Мозер – виола, Лусија Перез Диего – виолончело, Николаус Фајних – контрабас.

Манифестацијата продолжува на 11 април, со концерт на Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот. Диригент е Сашо Татарчевски. На 13 април, во Камерната сала на Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот, ќе се одржи концерт на Лаума Скриде – пијано (Летонија/Германија), додека пак на 19 април, во националната галерија „Даутпашин амам“, во 20 часот, предвиден е концерт на Ноел-Ан Дарбеле – виолина, глас (Швајцарија) и Рене Kамакаро – виолончело (Шпанија).

„Деновите на македонската музика“ ќе се затворат на 22 април, со концерт на македонска музика за пијано во Музејот на македонската борба, со почеток во 19 часот.