Гран при на „Стоби“ за „Ардалион“ од Ерменија

33

На древната сцена во античкиот амфитеатар со доделување на наградите заврши 17-от интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Со гран при за најдобра драма е наградена претставата „Ардалион“, античка мимодрама на режисерот Жираир Дадасјан во продукција на Ереванскиот државен театар на пантомима од Ерменија. Според жирито, со кое претседаваше познатиот руски режисер Николај Круглов, и членовите актерот Мето Јовановски и театрологот Ана Стојановска, наградата се доделува за извонредната актерска сценска визура според автентичните принципи на античката мимодрама.

Наградата за најдобра машка улога ја освои Бекназар Избасаров за ролјата на Сенека во претставата „Нерон и јас“ во изведба на Жамбилскиот регионален руски драмски театар од Казахстан. Според образложението, наградата му се доделува за прецизната актерска игра базирана на консеквентното градење на улогата. Наградата за најдобра женска улога ѝ е доделена на Соња Михајлова за улогата на Јулиј Цезар во истоимената претстава од Вилјам Шекспир во режија и сценска адаптација на Златко Паковиќ, а во изведба на Народниот театар од Битола. Наградата за најдобар млад актер ја доби Ирена Илиевска за улогата на Лисистрата во истоимената претстава од Аристофан во режија на Хакоб Газанчјан, а во продукција на Народниот театар од Велес. Специјална награда доби претставата „Кралските копилиња“, авторски проект на Сашо Димовски во продукција на велешки театар. Наградата се доделува за современиот сценски израз конципиран врз лабораториски истражувања.