Град во кој ноќното читање е попопуларно од одење во бар

62

Ако сметате дека работното време на книжарниците е прекратко, можеби решението е да го посетите Тајпеј

Можноста луѓето да читаат книги без обврска да ги купат ја претвори книжарницата „Еслите“ во тајванската престолнина Тајпеј во необична туристичка атракција и омилено место за вечерно излегување на локалните жители. Ако сметате дека работното време на книжарниците е прекратко, можеби решението е да го посетите Тајпеј. Тамошната книжарница „Еслите“, која му припаѓа на најголемиот тајвански синџир на книжарници, работи 24 часа дневно и е преполна со љубители на книги, хипстери, но и родители со мали деца.

Најпрометно време е од 22 часот навечер до 2 часот наутро. Луѓето седат по ќошињата, на скалите или на масите со екрани. Сите уживаат во читањето книги.
Ѕао Хонг (31) седи на малите дрвени скали. Таа објаснува зошто токму оваа книжарница е нејзино омилено место за поминување на слободното време.
– Доаѓам тука 3-4 пати неделно. Во сабота доаѓам околу пладне и останувам до 4 часот наутро. Излегував во барови, но не ми се допаѓаат. Сакам да читам. Тука можам да ги читам книгите што ги сакам и никој не ми пречи во тоа. За време на една вечер читам и по 200 страници – вели таа.

Она што ги привлекува големиот број верни читатели не е само големиот избор на книги, има околу 250.000, туку и политиката на книжарницата да им овозможи на своите корисници да читаат онолку долго колку што сакаат, без обврска да купат книга. Но како тогаш компанијата, која има 42 разграноци во Тајван и еден во Хонгконг, заработува (околу 430 милиона долари лани) ако им дозволува на клиентите да ја користат книжарницата како библиотека?

Во рамките на овие книжарници се наоѓаат и вински подруми, продавници на чај, бутици за облека, кафулиња и ресторани. Исто така, за посетителите се приредуваат и концерти, танцови изведби, проекции на филмови, уметнички изложби, како и емисии за готвење, со што дополнително се промовираат книгите што ги има во понудата оваа книжарница.

Тајпеј има богата понуда кога станува збор за вечерните излегувања – караоке-барови што работат 24 часа, ресторани, клубови, но ништо од тоа не станало институција и обележје на градот како „Еслите“.