Гостува ирскиот титан на пијаното

45

Со „Љубов за Клара“ е насловен концертот на оркестарот на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи вечерва во 20 часот. Солист е фантастичниот ирски пијанист Бери Даглас, кој ќе го изведе романтичниот Концерт за пијано и оркестар оп.54 од Роберт Шуман, посветен на неговата жена и најголема љубов – Клара Шуман. На програмата е и „Шпанско капричо“ од Николај Римски-Корсаков, фантастична оркестарска композиција, која изобилува со различни музички бои, мелодиски дизајн и фигуративни матрици. Ќе прозвучи и „Италијанското капричо“ од П.И. Чајковски – инспирирано од патувањето на композиторот во Рим.

Бери Даглас е ирски пијанист, кој својата богата меѓународна кариера ја започнува во 1986 година кога го добива „златниот медал“ на интернационалниот натпревар за пијано „Чајковски“ во Русија. Важи за оригинален пијанист со препознатлива лирика во изразот и автентичен пијанистички сензибилитет. Критичарите го нарекуваат титан на пијаното.

Бери Даглас како солист настапува со врвни светски оркестри, а во последниве неколку години имаше турнеи во Аргентина, Бразил, Австралија, Полска, Русија, САД, Британија, Италија, Јапонија… Освен со светските оркестри, Даглас настапува и како камерен музичар – свирел во „Ројал Алберт хол“, „Вигмор хол“, „Барбикан“… Ексклузивен уметник е на издавачката куќа „Чандос“ за која неодамна сними шест албуми со сите соло-дела за пијано од Јоханес Брамс.

Маестро Емил Табаков од Бугарија, кој ќе го води концертот, е еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген.