Гостува босанската писателка Лејла Каламујиќ

520

Денеска од 16 до 18 часот на штандот на издавачката куќа „Готен“ на Саемот на книгата во Скопје, босанската писателска Лејла Каламујиќ ќе ја потпишува својата книга „Викајте ме Естебан“. Таа во мај ќе оствари резиденцијален престој во Скопје во рамките на проектот „Читајќи го Балканот“.

„Викајте ме Естебан“ е збирка раскази во која низ 19-те раскази го следиме емотивниот пат на хероината од несигурните сеќавања на рано починатата мајка, преку детството со таткото алкохоличар, кој никогаш го нема, бабите и дедовците, кои полека умираат пред нејзините очи, земјата што се распаѓа, светот што се менува, па сè до откривањето на сексуалноста и грижите што ги донесува егзистенцијата. Преводот е на Ѓоко Здравески, а книгата е во издание на издавачката куќа „Блесок“.