„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ со награда од Советот на Европа

48

Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска ја доби престижната „Одисеј“ – награда за Човекови права на Советот на Европа (Odyssée Conseil de l’Europe aux Droits de l’Homme).

Жирито на настанот „Европски кино ѕвезди и платно“ составено од 10 амбасадори во Советот на Европа, заменик-генералниот секретар на Советот на Европа, директорот на кабинетот на генералниот секретар на Советот на Европа и извршниот директор на „Еуроимажс“, Роберто Ола, ја додели наградата на македонскиот филм „… Петрунија“, нарекувајќи го величенствен филм.

Еднаш годишно, а веќе по деветнаесети пат, Советот на Европа ја доделува оваа награда.

„Одисеј“ наградата се доделува за две категории и тоа за особена уметничка креација и за човекови права.

Минатогодишниот добитник за уметничка креација е големиот турски режисер, Нури Билге Чејлан, за филмот „Дивата круша“ во кој Македонија беше копродуцент преку продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“, а годинава оваа награда ја доби Павел Павликовски за неговиот филм „Студена војна“.

На вчерашната свечена церемеонија во киното „Одисеј“ во Стразбур наградата ѝ беше врачена на режисерката Теона Стругар Митевска и беше организирана вечера со авторот и амбасадорите од Советот на Европа.