„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на врвот на листата на „Скрин медиа“

270
Кадар од „Господ постои, името и е Петрунија“

Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска доби одлични првични резултати, откако беше оценуван од жирито на „Скрин медиа“ на филмскиот фестивал „Берлинале“.

– Нашиот филм моментно се наоѓа на врвот на листата на жирито, заедно со „Öndög“ на Ванг Куанан, со просечна оцена од 2,8, иако „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ го очекуваат уште два резултати, со што веројатно е дека ќе се искачи на самиот врв – се наведува во соопштението на продукцијата „Сестри и брат Митевски“.

„Скрин медиа“ за сите престижни фестивали, од рангот на Берлин, Венеција и Кан, повикува седум најдобри новинари-филмски критичари од целиот свет, кои заедно со уште еден филмски критичар од „Скрин интернешнл“ ги оценуваат филмовите на скала од 0 (многу лошо) до 4 (одлично). Годинешната жири комисија е сочинета од реномирани новинари од филмската фела и од еден филмски критичар од самиот „Скрин интернешнл“.

Македонскиот филм доби различни оценки, меѓу кои и највисоката четворка Паоло Бертолин од „Сегносинема“ што во моментов го рангира на првото место, а пак по добивање на оценките и од Шведска и Кина, неминовно е дека „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ и ќе остане највисоко на оваа престижна листа.

„Скрин интернешнл“ е реномиран британски филмски магазин кој ја покрива меѓународната филмска индустрија. Наменет е првенствено за оние кои се инволвирани во глобалниот филмски бизнис, а датира уште од 1889 година кога бил основан под името „Optical Magic Lantern and Photographic Enlarger”.

Магазинот објавува дневни публикации и критики од филмските фестивали и пазарите на Берлин – Германија, Кан – Франција, Торонто и Онтарио – Канада, американските филмски пазари во Санта Моника, Калифорнија и Хонг Конг.