Гледајќи го вчерашниот свет денес: фотомонтажата и антифашизмот

72

Во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“ во Музеј-галерија, синоќа се одржа завршниот дел од проектот „Гледајќи го вчерашниот свет денес: фотомонтажа и антифашизмот“ инициран и реализиран од Владимир Јанчевски и Сафет Ахмети од Центарот за Визуелни студии –Скопје.

Настанот содржеше проекција на 40 минутниот документарен филм „Хартфилд:
Таткото на фотомонтажата“ од ирскиот режисер Џо Ли по што следеше предавање и дискусија на истата тема и отворање на камерна изложба од публикации со фотомонтажа на Џон Хартфилд од приватна колекција.

Почетокот на 20 век го одбележаа редица драматични настани и пресвртни моменти во
политичка и технолошка но и во уметничка смисла правејќи ја очигледна нивната неизбежна меѓузависност. За разлика од предмодерниот период кога она што го нарекуваме уметност е во служба на владеачките елити, модерниот концепт за уметникот отвори простор за индивидуално изразување надвор од контролата на метанаративот на моќта и честопати наспроти власта.

Берлинската Дада, како најовторено политичка од целокупната меѓународна мрежа на дадаистичката интернационала ќе го добие својот најискристализиран пример на политичка уметност преку бескомпромисните фотомонтажни сатирични дела на Џон Хартфилд (1891-1968) насочени против подемот на германскиот национал-социјализам а потоа и злосторствата на Третиот Рајх.

Уметноста како специфичен сегмент на визуелната култура, со проширување на полето и зголемувањето на интересот за популарните изразни форми се претвори во средство за реализација на еманципаторскиот проект. Во изминативе десетина години се забележува подемот на социјалните мрежи, демократизацијата на каналите за комуникација во јавната сфера.

Паралелно со тоа рапидно се усовршуваат и софтверските алатки и средствата за уверлива и едноставната манипулација на сликата, која станува достапна до поширока група граѓани. Тогаш не случајно преку социјалните мрежи, се појавуваат фотомонтажни слики како критика на узурпација на јавниот простор и концентрацијата на моќта.

– Сепак се прашуваме дали сме доволно свесни за природата на сликата на ефектите? Овој проект поврзувајќи ги старите искуства на пионерите на медиумот со фокус на случајот на Џон Хартфилд има за цел да ја разгледува и анализира новонастанатата ситуација осврнувајќи се на улогата на визуелната сфера во современата епоха и начините на кои новите медиуми влијаат врз формирањето на свеста. Потпирајќи се на најновата теориска мисла, овој проект има за цел да актуелизира некои од дебатите за моќта и функцијата на сликата и улогата на визуелната култура со цел да се укаже на специфичните процеси на контрола на визуелните содржини и нивната интерпретација, како и начините преку кои можат критички да се ангажираат во насока на регенерирање на општествената сфера – објаснуваат реализаторите на проектот Владимир Јанчевски и Сафет Ахмети.

Проектот е подржан од Министерството за култура на Република Македонија, во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“.

Мирјана Мукаетова