Ги имаме најдобрите раскази за 2019 година

789

Избрани добитниците на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“

Комисијата за време на двонеделното разгледување и препрочитување на пристигнатите ракописи се водеше од следните критериуми: автентични и иновативни теми, коректна јазична структура, стилска разноликост и вешта раскажувачка техника

Расказот „Трка за животот“ (шифра: Маратон) е добитник на првата награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“, на кој годинава пристигнаа околу 200 ракописи. Добитник на втората награда е „Последниот кат“ (шифра: Дализа), додека на третата, расказот „Пештер“ (шифра: Пештер). Откупни награди освоија расказите: „Гугутки“ (шифра: Немис Евервит), „Дупка“ (шифра: Дормео) и „Ентелехија“ (шифра: Аспириникс). Наградите ќе бидат свечено доделени кон крајот на месецов.

По двонеделно разгледување и препрочитување на пристигнатите околу 200 ракописи на годинашниот Конкурс за краток расказ на „Нова Македонија“, членовите на комисијата во состав: Александар Прокопиев, селектор, и Весна Дамчевска, уредничка на редакцијата за култура и претставничка на „Нова Македонија“, ги избраа најдобрите за ова издание.
На Конкурсот за краток расказ доделуваме три главни награди за расказите: прва награда за „Трка за животот“ (шифра: Маратон), втора награда за „Последниот кат“ (шифра: Дализа) и трета награда за „Пештер“ (шифра: Пештер). Откупни награди освоија расказите: „Гугутки“ (шифра: Немис Евервит), „Дупка“ (шифра: Дормео) и „Ентелехија“ (шифра: Аспириникс). Во наредните денови очекуваме авторите на наградените раскази да се јават во редакцијата на „Нова Македонија“, со примерок од расказот како потврда. Наградите ќе бидат свечено доделени кон крајот на месецов.
Автентични и иновативни теми, коректна јазична структура, стилска разноликост и вешта раскажувачка техника беа некои од основните критериуми по кои се раководеше жирито. Одлуката за доделените награди за 2019 година е донесена по сериозно препрочитување на пристигнатите ракописи и по одржувањето на два состанока, на кои изборот се стеснуваше.

– Како и секогаш, пристигнаа голем број раскази, тематски и стилски разновидни. Овој пат квалитетот беше евидентен во најдобрите триесетина раскази што влегоа во поширок круг. Исто така, карактеристика годинава е тоа што имаме многу современи постапки и содржини од секојдневните доживувања, но претставени на многу интересен и индивидуален начин, така што иако жирито едногласно ги избра најдобрите, имаше поширок избор раскази што го пленеа вниманието и се читаа навистина со едно читателско задоволство – вели селекторот Александар Прокопиев.
Според оцената на жирито, во однос на темите, додека во претходните години имаше изобилство текстови со пренагласена биографска и рурална тематика, и тоа во една буквална смисла, овој пат го немаше тоа, туку голем дел раскази беа на современи и актуелни теми, љубовни и со универзален предзнак. По едномесечното собирање, разгледување и препрочитување на расказите што беа испратени на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“, жирито заклучува дека конкурсот е успешен, бидејќи пристигна одлична бројка ракописи.

Објавувањето на краткиот расказ во весниците сигурно не служи за пумпање на тиражите, но факт е дека весникот „Нова Македонија“ низ годините успеа да направи бренд од Конкурсот за краток расказ. Колку и да се чини застарена идејата за објавување расказ во дневниот печат, годините ни покажаа дека овој жанр има свои приврзаници, и меѓу авторите и меѓу читателите. Без скромност можеме да заклучиме дека токму „Нова Македонија“ во нашата средина ја создаде културата за читање на кратките раскази. Кај нас ретко кој медиум му посветува преголемо внимание, иако гладот на читателите за оваа книжевна форма е повеќе од очигледен. Затоа иницијативата на „Нова Македонија“ да го негува расказот на домашните автори е од голема важност. Оваа акција практично го прероди жанрот.
Конкурсот е една од најпрепознатливите практики од зенитот на постоењето на првиот дневен весник. Обновен е за да ја поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е популарна, современа и широко прифатена од читателската публика. Краткиот расказ е дел од колективната меморија и култура на македонскиот народ, која има корени уште во усните расказни и наративни форми.

Конкурсот за краток расказ има долга традиција и, со кратки паузи, се објавува повеќе од половина век. Краткиот расказ како иницијална форма на секоја добра проза преку овој конкурс покажа дека е инспиративен за најразлични раскажувачки постапки. Што е уште поважно, во духот на времето, некои од расказите лани беа поврзани со современи теми и со нов модерен израз. Комисијата за време на двонеделното разгледување и препрочитување на пристигнатите ракописи се водеше од следните критериуми: автентични и иновативни теми, коректна јазична структура, стилска разноликост и вешта раскажувачка техника.
Краткиот расказ како иницијална форма на секоја добра проза и преку овој конкурс покажа дека е инспиративен за најразлични раскажувачки постапки. Што е уште поважно, во духот на времето, некои од расказите беа поврзани за современи теми и со нов модерен израз. По доделувањето на наградите, редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објавува избраните раскази во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда.
Лани првонаградена беше Силвија Митевска за расказот „Присвоено јунаштво“, втората награда му беше доделена на Ѕвездан Георгиевски за расказот „Дедо Митре го урива покривот“, а третата ја доби Ермис Лафазановски за расказот „Инаетот што тлее меѓу нас!“. Откупните награди ги добија Билјана Стевковска Савиќ за расказот „Несреќна случка“, Петар Андоновски за расказот „Кој се плаши од Минотаур?“ и Марио Букна за расказот „Колекционер на кукли“. Наградите се парични.


Главни награди
Прва награда – „Трка за животот“ (шифра: Маратон)
Втора награда – „Последниот кат“ (шифра: Дализа)
Трета награда – „Пештер“ (шифра: Пештер)

Откупни награди

„Гугутки“ (шифра: Немис Евервит)
„Дупка“ (шифра: Дормео)
„Ентелехија“ (шифра: Аспириникс)