Германија – земја во фокус на годинашното издание на „МакеДокс“

53

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ годинава програмата „Земја во фокус“ ја посветува на Германија. Организаторите на фестивалот чијшто почеток ќе биде означен утре, велат дека Германија денес гради најмногу филмски копродукции во Европа, што е и главниот фокус на годинашниот „МакеДокс“ – создавање на копродукции како начин на рушење на ѕидовите и создавање на подобра работна мрежа меѓу филмските професионалци и фестивалските организатори.

Во програмата ќе бидат прикажани осум германски документарни филмови, ставајќи посебен акцент на источно-германската продукција. Програмата е поддржана од Гете-институтот во Скопје.

Чешката вечер на „МакеДокс“, поддржана од Амбасада на Република Чешка во Скопје и Чешкиот Културен Центар во Софија, ќе се одржи на 27 август. Во Куршумли-ан, во 21 часот, ќе биде прикажан биографскиот документарен филм со пикантерии за светски познатиот чешки режисер Милош Форман – „Форман наспроти Форман“ (Чешка, Франција/ 2019/ 78 мин.) во режија на иконата на чешката документаристика, Хелена Трештикова, и Јакуб Хејна. Истата вечер на платото пред Куршумли-ан, во 23 часот, ќе биде прикажана приказната за мистериозноста на „Главната автобуска станица“ во Тел Авив на младиот чешки режисер Томаш Елшик.

На 10-то јубилејно издание на „МакеДокс“, Детската програма ќе биде создадена и курирана од страна на Меѓународниот фестивал за документарни и анимирани филмови ДОК Лајпциг, селектирајќи заедно 12 анимирани и доку-анимирани филмови за деца од школска и претшколска возраст, пред сѐ, од Германија.

Детската програма ќе се одвива во Младинскиот културен центар 23-27 август од: 18 часот – анимирани приказни за деца од 5 до 55 години, 19:30 часот – креативни документарни филмови за млади.

Фестивалот ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“.