Бројни јавни личности ја проследија премиерата на „Бикини Мун“

141

Бројни актуелни и поранешни функционери, луѓе од бизнис сферата, ценети професори, актери, режисери, продуценти, музичари и новинари, присуствуваа на новиот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски, „Бикини Мун“, која се одржа синоќа во скопското кино „Милениум“.

Пред самата премиера на „Бикини Мун“ беше прикажан петминутниот филм на Манчевски, „Крајот на времето“.

На премиерата присуствуваше и дел од филмската екипа на Бикини Мун, кои на крајот од проекцијата и се поклонија на публиката, која ги награди со аплаузи. На сцената се качија режисерот Милчо Манчевски, композиторот на музиката Игор Василев – Новоградска и дизајнерот на продукција, британецот Дејвид Манс.

Манчевски, најнаградуваниот македонски автор, вели дека „Бикини Мун“ е современа трагедија, која, според својата структура претставува филм во филм, лажен синема верите документарец. Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис.

Филмот е на редовен репертоар на киното Милениум со проекции од 20 и 22 часот.