Вљубен во три портокали

177

Сергеј Прокофјев (1891 – 1953) е еден од моите најсакани композитори. За жал, неговите композиции ретко се изведуваат кај нас, иако неговиот опус има дури 138 дела. Прокофјев бил исклучително иновативен композитор – и покрај тоа што не може да се нарече татко на некој нов правец или школа, го обележил музичкото творештво на 20 век. Со своето видување на музиката и пристапот кон компонирањето открил нови музички вредности. Пред него, историјата на музиката не познавала композитор со толку длабок и сериозен психолошки пристап кон уметноста, а истовремено, неговите композиции изобилуваат со хумор, смеа и гротеска. Бил генијален композитор, но неговите дела често наидувале на отпор кај публиката.

Не затоа што биле несфатливи или тешко приемчиви, туку затоа што, како што самиот Прокофјев велел – новите музички тенденции и интонации бараат од слушателот многу поголема концентрација и посветено слушање (актуелно и кај денешната публика). Прокофјев си дал себеси голема хармонска слобода, користел дрски дисонанци, но без анархичен пристап. Најсмелите акордски низови ги користел за да ја нагласи драматичноста на музичкото дејство, контрастите на бои – за да создаде тензија, која на крајот секогаш водела кон смирување и логично и јасно завршување на мислата. Користел и променливи и несекојдневни ритми (на пример – седум осмини, за нас толку близок, во сериозната музика многу ретко се среќава) и невообичаени метри (петчетвртински такт, кој само кај него е „свој на своето“).

Истовремено, со формата често се навраќал на класичарскиот стил од 18 век, па дел од неговите композиции го трасирале патот на неокласицизмот во музиката. Едно од делата во кои, со подлабока анализа, се среќаваат сите елементи карактеристични за творештвото на Прокофјев, е операта „Вљубен во три портокали“ (подоцна преработена и како оркестарска свита). Либретото го напишал самиот Прокофјев, а е базирано на театарската пиеса на Карло Гоци (1720-1806), мајсторот на комедија дел арте.

Лада Шоптрајанова Петровска