„Вудсток“ половина век подоцна

528

Драган Б. Костиќ

Зарем мина половина век? Како да беше вчера!? А чудно е што голем дел од тоа „вчера“ владее и денес. Сантана, Џон Фогерти, од „Криденс Клирватер Ривајвл“, преполовените „Д Ху“, „Крозби Стилс“, „Неш Јанг“, сѐ уште полнат големи концертни простори, како потврда за својот неминлив квалитет, а пројавен токму на две и полкилометарската фарма на Макс Јасгур.
Сепак, далеку од актуелните збиднувања денес, учесниците на „Вудсток“ изминативе децении, како не случајно одбрани учесници, туку како носители на квалитетот и новите ветришта во обезбедувањето на вреднуван статус на рокот во етаблираната светска култура, ја вршеа својата мисија на месии во одбрана на постулатот – создавање верба во вредносни норми.

Од денешен аспект на исклучително комерцијално вреднувана музика, можеби наивно, за денешните генерации – невино, изгледа ентузијазмот за првото големо, со повод, собирање поради музика на половина милионска маса луѓе, во екот на виетнамските воени ветришта, како американски, но и глобален антивоен протест.
Моделот – „дека може“, до денес неброено пати повторен но само неколкупати -потврден, „Live Aid“ 1984 како пример, е само потврда за непроценливата важност на тридневната вудсток-епопеја. Оние што минуваат низ дупката во ѕидот, минуваат низ неа и не прашувајќи ги оние што ја пробиле, дали ги боли главата од удирање во него. Вудсток-генерацијата, учесниците и публиката, (не само присутната на местото на настанот туку и низ светот), го пробија ѕидот со своето собирање за тридневна прослава на мирот, љубовта и музиката, генерациско кревање глас на протест против состојбите, моќта и безумието.

Музиката беше сврзувачкото ткиво, нишката што ги обедини бисерите во ѓерданот, со кој времето се гордее и денес.
Одек на успехот на реализацијата на идејата низ светот се подоцнежните фестивали, кои со време се претвораат во комерцијална лакрдија, без оглед на квалитетот, чии ефекти се почувствуваа и на поранешните југословенски простори, подоцнежниот концерт на „Бијело дугме“ кај „Хајдучка чешма“ , но и минорно на македонските простори: рок-фестивалот во тогаш исушеното езерце во Градскиот парк во Скопје. Неможноста за информативна експресност, ги забави можните ефекти, но подоцнежниот епитет на големиот број успешни изведувачи: учесник на „Вудсток“, поттикна голем број луѓе да го пронајдат аудиозаписот од фестивалот и да ги запознаваат своите средини со неговото пред сѐ документарно значење.

Голем број учесници на легендарното собирање, се активни и денес, сѐ уште полнат големи концертни простори, како потврда за својот неминлив квалитет, не одбегнувајќи да го спомнат својот придонес на фестивалот. Подоцнежниот филм само ја заокружува сагата за тридневниот настан на две и полкилометарската фарма на Макс Јасгур во близината на гратчето Бетел, кое е поблиску од „Вудсток“, во државата Њујорк, и кој засекогаш ќе ја измени историјата на рокенролот и музиката воопшто. Неговите ефекти денес се минорни за сегашната состојба на популарната музика, но така било и ќе биде: новите генерации забораваат на усилбите на претходните, за нештата да бидат поинакви од тогашните.
Затоа одвреме-навреме треба да се потсетуваат, како во оваа пригода, половина век подоцна, за евентуално да се обидат да создадат нешто што како позитивен миг на времето ќе се спомнува и наредните децении.

Иако ги немаа таквите како Џими Хендрикс, Џенис Џоплин или „Грејтфил дед“, Џо Кокер, Алвин Ли (од „Иен јирс афтер“) Џон Винтер, секоја генерација во низата требала да се запраша, вредела ли болката во главата при пробивањето на ѕидот.
Ако вредела, тогаш не било непотребно во име на секоја наредна генерација да се одболува болката, за да може за неа да се зборува со почит и наредните децении.